Српските полицајци и цариници во неделата на граничниот премин Бајаково шест часа приведоа хрватски државјани – 25 автомобили со 50-60 патници, за да извршат увид, пишува Вечерњи лист.
Поради ваквиот третман и малтретирање – што очигледно е мотивирано од тоа што хрватската полиција не пуштила патник во автомобил од Хрватска, 50-годишен државјанин на Србија, кој носел капа со нелегален симбол кој го нарушува редот и мирот на јавно место, а бил и пијан – хрватското Министерство за надворешни и европски работи вчера упати протестна нота до Србија.
Во неделата на граничниот премин Бајаково, на српската страна на границата со Република Хрватска, српските цариници и припадници на Одделот за сузбивање на организиран криминал привеле 25 автомобили со хрватски регистарски таблички во кои имало меѓу 50 и 60 хрватски државјани.
Еден хрватски државјанин чекал на граница да му биде прегледано возилото од 17 до 23 часот, а другите чекале од два до три часа за да видат дали по првата проверка ќе дојдат дополнително да ги прегледаат возилата пред да ги пуштат на хрватската страна.
Неофицијални, но сигурни информации велат дека шефот на смената на српската граница во 20 часот и 30 минути и рекол на хрватската амбасадорка Хида Бишчевиќ дека само пет возила со хрватски регистерски таблички се ставени на маргините и тоа за поврат на ДДВ. Упатените велат дека станува збор за ноторна невистина бидејќи на фотографиите испратени од хрватските граѓани се гледаат најмалку 20 автомобили приведени во истиот момент.
Поради тоа, вчера веднаш реагираше хрватското Министерство за надворешни и европски работи, кое упати протестна нота до Србија, пишува новинарката на Вечерњи лист, Сандра Вељковиќ.