Собранието на Србија со мнозинство гласови го отфрли предлогот на опозицијата за изменување и дополнување на Законот за рударски и геолошки заводи, со коj се бараше забрана за истражување и експлоатација на литиум и на бор.
Од присутните 214 пратеници, 84 гласаа „за“, 128 гласаа „против“, а двајца пратеници не гласале.
Пратениците во српското Собрание четири дена расправаа за предлогот за забрана за ископување на литиум и бор.
Српската влада летово го обнови планот на меѓународниот рударски гигант Рио Тинто за отворање рудник за литиум во долината на реката Јадар во западна Србија, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше прекинат.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во расправата во претходните денови рече дека не слушнала никакви аргументи зошто опозицијата бара однапред забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор, кога компанијата не ја завршила студијата за влијанието на тој рудник врз животната средина.
Брнабиќ тврди дека рудникот нема да се отвори додека студијата не покаже дали е опасен за животната средина и ја обвини опозицијата дека го „политизира“ проектот.
Пратениците од опозицијата, кои бараат забрана за ископ на литиум, укажаа на негативни последици по животната средина доколку се отвори рудникот и ги обвинија властите дека се промотори на Рио Тинто.
Во претходните месеци протести против отворањето на рудници за литиум беа организирани во десетици градови низ Србија.
Дел од граѓаните и еколошките активисти се против експлоатација на литиум и бор поради, како што наведоа, голем ризик за животната средина. И експерти од Србија и од странство посочуваат дека во процесот на експлоатација на литиумот неминовно има и еколошки последици, како загадување на речниот слив и на земјиштето.
Од Рио Тинто тврдат дека проектот Јадар може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина, а тоа го потврдиле домашни и меѓународни експерти.