Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ оцени дека Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за геноцид во Сребреница претставува „пирова победа и фаул на големите западни сили“.
Во ОН членуваат 193 земји, а Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница беше усвоена вчера со 84 гласа „за“, 19 „против“ и 68 воздржани.
Брнабиќ за РТС изјави дека Србија покажала како се бори за своите интереси, светот и меѓународното право и не дозволила „ народот да биде жигосан“.
– Сето ова сега е многу свежо и една работа што ја научив од претседателот на Србија Александар Вучиќ е дека не треба да реагирате набрзина – рече таа.
Вака таа одговори на прашањето за идните односи на официјален Белград со земјите од европскиот континент кои ја поддржаа Резолуцијата, на која Србија се противи.
– Сè што ќе кажам е доста емотивно, мене лично ќе ми биде исклучително тешко да продолжам да работам со земјите кои беа спонзори и коспонзори на таа резолуција – рече таа.
Таа додаде дека „во секој момент“ ќе се чувствува многу поблиска со земјите кои гласаа против, воздржани или ја напуштија просторијата кога се гласаше за резолуцијата.
– Ние секако треба да продолжиме да работиме со нашите партнери, а тоа е во наш национален интерес и со земјите-членки на ЕУ – рече таа.
Рече и дека „во секој момент“ секогаш ќе биде со земјите што беа со Србија во ОН и им се заблагодари на сите што ги поддржаа позициите на Белград.