Српската опозиција предлага техничка влада по примерот на Македонија

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Претседателот на опозициската Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац изјави дека едно од решенијата за политичката криза во Србија би можело да биде формирање на преодна влада, која, според него, е модел кој дал добри резултати и обезбедил фер избори, јави дописникот на МИА од Белград.

– Едно од решенијата за излез од кризата може да биде преодна влада по моделот на Македонија и Црна Гора со посредство на ЕУ. Ова може да биде пат до фер избори – рече Лутовац.

Тој денеска изјави дека конститутивната седница на српскoто Собрание, која е закажана за 6 февруари, „не е стратешко туку тактичко прашање“ и додаде дека бојкотот на таа седница не значи дека таа партија ќе ја бојкотира работата на парламентот.

Лутовац на седницата на Главниот одбор на Демократската партија во Белград рече дека опозицијата нема да ги врати мандатите бидејќи, според неговите зборови, тоа не е целисходно.

– Нема збор за легитимноста на овој режим. Тие беа фатени во кражба. Нам ни пречи и тајмингот на седницата на Собранието. Зошто е закажана за 6 февруари, а на 8 февруари ќе биде донесена резолуцијата на ЕП за изборите во Србија? Идејата е да не стават пред свршен чин – рече Лутовац.

Тој оцени дека резолуцијата не е за „непочитување“ и дека не е „државничко и мудро“ што, како што рече, српскиот претседател Александар Вучиќ така се однесувал кон тој документ на ЕП.

Лутовац изјави дека партијата со која тој претседава нема да преговара со Вучиќ и со претставниците на Српската напредна партија (СНС), бидејќи ДС е „остра и алтернативна опозиција“.

Share This Article