Средношколците ќе имаат бесплатен јавен превоз за време на летниот распуст, одлучи Советот на Град Скопје на денешната седница.
Овој летен распуст околу 23.000 средношколци ќе може да го користат јавниот превоз бесплатно заради посетување дополнителна настава, часови по практична настава, како и за посета на културни, спортски или други активности.
Изминатите години бесплатниот билет им важеше само за време на учебната година, а за месеците од летниот распуст можеа да набават месечен билет по повластена цена, од 600 денари за користење на сите линии, за еден месец, односно за јули или за август.
Бесплатниот превоз важи за сите ученици од средните училишта под ингеренции на Град Скопје, како и за оние што учат во државните средни училишта.