Србија ќе го потпише првиот договор со Обединетите Арапски Емирати за купување самоубиствени дронови во следните 48 часа, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Абу Даби, каде што присуствува на меѓународниот саем за оружје и воена опрема. Тој изјави дека очекува брза испорака на беспилотни летала од ОАЕ, без да ги наведе бројот и количината.
Вучиќ оцени и дека во контекст на руско-украинскиот конфликт и политичката ситуација на меѓународната сцена, Србија се соочува со дополнителни предизвици, кои ќе ја отежнат нејзината позиција во „политичка, воена и во секоја друга смисла“.
– Очекувам дека за еден ден, два или три, ќе видиме големи промени на бојното поле (во Украина) и значителни промени во понатамошното политичко дејствување кон Србија како од западната страна така и од другите меѓународни фактори – рече Вучиќ.
Тој рече дека во светот има исклучително голема побарувачка за оружје, воена опрема, особено муниција, и дека воената индустрија на Србија може да продава сè што ќе произведе 20 години однапред. Вучиќ рече дека Србија има доволно муниција и за армијата и за извоз.
Зборувајќи за опремата на војската на Србија, Вучиќ најави дека до крајот на годината во Чачак ќе бидат ремонтирани 40 тенкови М-84, со кои останува да се види што ќе се направи.
– Нема да одиме во војна ако не мораме и ако не бидеме нападнати. А што се однесува до оружјето, нас пред се нè интересира нашата армија, а тоа што ќе остане ќе го продадеме – нагласи тој.
Вучиќ предупреди дека на есен ќе има криза со лекови во цела Европа, а ќе настане и лоша енергетска ситуација.
– Немојте да речете после дека не сум ви кажал. Мора да се снајдете во сето ова и ние ќе се снајдеме. Како? Како сакате. Така. Нема никаква филозофија – изјави Вучиќ.