Полицијата во Копенхаген и Данската служба за безбедност и разузнавање (ПЕТ) денеска соопштија дека извршиле неколку апсења во координирана акција ширум земјата поради сомневање за подготовка за терористички напад.
– Ова е исклучително сериозно. Веќе неколку години гледаме дека во Данска живеат луѓе кои не ни посакуваат добро. Кои се против нашата слобода и кои се против данското општество, со сето она што го носи – изјави данската премиерка Мете Фредериксен за новинската агенција Рицау на состанокот со министрите на ЕУ во Брисел.
Засега не се познати повеќе детали за апсењата, а полицијата во Копенхаген и данската национална разузнавачка служба најавија за попладнево прес-конференција.
Претходно овој месец, комесарката за внатрешни работи на Европската унија, Илва Јохансон, предупреди дека Европа се соочува со „огромен ризик од терористички напади“ во периодот на божиќните празници поради последиците од војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.