Министеркатра за одбрана Славјанка Петровска утрово на својот фејсбук профил објави дека денешниот датум, 27 март, е во редот на најважните од независноста на државата зашто земјава пред две години на овој ден стана полноправна членка на НАТО.
„Република Северна Македонија две години членка на НАТО. Денешниот датум е во редот на најважните од независноста на државата, ден кога ја заокруживме стратешката цел – членство во најмоќниот воено политички сојуз. Заедно сме посилни“, напиша министерката Петровска.
Северна Македонија пред две години стана триесетта земја-членка на НАТО. Во вонредни околности, кога светот се соочуваше со ковид-пандемијата, в.д. амбасадорот на земјава во САД, Вилма Петковска, во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ за ратифакиција од Преспанскиот протокол за членство на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот, Филип Рикер.
По повод две години од членството на НАТО, зградата на МНР синоќа беше осветлена во боите на Алијансата. Министерот Бујар Османи на Фејсбук порача дека тоа е „историски успех за нашата земја и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет“.
„Денес одбележуваме две години од членството на Северна Македонија во НАТО, наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност. Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме.
Станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности. Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот“, истакнува Османи.
Според шефот на дипломатијата, во актуелните околности, најважно е да имаме вистински пријатели и сојузници со кои заеднички ќе ги обликуваме значајните одлуки и ќе придонесуваме за нашата заедничка безбедност.
„Заедно и обединети стоиме 30 земји сојузници со еднаква определба за одбраната на мирот, безбедноста, слободата и демократските вредности“, наведува Османи во објавата на Фејсбук.
Министерот синоќа соопшти и дека по повод две години од членството на НАТО, зградата на МНР беше осветлена во боите на Алијансата.