Египет подготвува област долж границата со Газа што може да се користи за домаќин на Палестинците доколку израелската офанзива предизвика егзодус преку границата, изјавија четири извори за Ројтерс во петокот, опишувајќи ја можноста како резервен план на Каиро.
Египет, кој негира какви било подготовки во оваа насока, постојано предупредуваше на можноста израелската офанзива врз Газа да резултира со раселување на Палестинците на Синај, што Каиро го смета за целосно неприфатливо. Слични предупредувања испратија и други арапски земји, вклучително и Јордан.
САД постојано го повторија своето противење на какво било раселување на Палестинците од Газа.
Еден од изворите рече дека Египет е оптимист дека разговорите за прекин на огнот би можеле да вродат со плод за да се избегне споменатото сценарио, но дека ја подготвува областа долж границата како привремена мерка на претпазливост. Три извори блиски до безбедносните сили тврдат дека Египет почнал да ја подготвува пустинската област Синај со некои основни капацитети за сместување на Палестинците, нагласувајќи дека тоа е чисто резервен план.
Поради чувствителноста на темата, побарано е изворот да остане анонимен.
Израел соопшти дека ќе започне офанзива за уништување на „последното упориште“ на Хамас во Рафах. Во тој град на границата со Египет се преполни околу милион Палестинци кои нашле засолниште во него пред разорната израелска офанзива на Појасот Газа.