За денеска во 10 часот е закажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледа Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската влада, кој се носи по скратена постапка.
Седницата ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши откако беше објавено дека претседателката на Комисијата Сања Лукаревска нема да закаже седница бидејќи законот се носи по скратена постапка.
Со денешната седница треба да претседава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
СДСМ вчера побараа да се повлече законот и тој да се носи во редовна постапка, како и да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што изјави вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.
Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за законско решение со кое ќе се обезбедат средства што ќе се наменат за стопанството и за општините. На прес-конференција во средата, Мицкоски рече дека во законското решение е содржано сето она што претходно било кажано за заемот, односно дека заемот ќе биде со каматна стапка од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата.
Предлог законот за заемот од Унгарија на 3 септември помина на владина седница.
Откако законот ќе помине во Собрание, министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска ќе отпатува во Унгарија, каде треба да го потпише договорот.
Заемот од Унгарија беше договорен за време на посетата на премиерот Мицкоски на Вашингтон, каде се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан.