Претседателот на Собранието, Африм Гаши, со видео-обраќање, објавено на неговиот профил на Фејсбук, им ја честита на граѓаните Новата 2025 година.
Во обраќањето, спикерот Гаши посочува дека изминатата 2024 година била година на предизвици и на суштински промени, а дека претстојната 2025 година „ни нуди можност да работиме за поправедна и за поразвиена држава“.
– Во пресрет на новогодишните празници, чувствувам дека е совршен момент да рефлектираме за она што го поминавме, како и да го отвориме патот за новата година со нови можности. Во годината, што ја оставаме зад нас, имаше предизвици, но и суштински промени. Нашето Собрание, по политичката ротација годинава, имаше нов состав и нова динамика. Покажавме сериозен ангажман во зголемувањето на транспарентноста и на парламентарната дипломатија – вели претседателот на Собранието во видео обраќањето.
Годината што доаѓа, нагласува Гаши, ни нуди можност да работиме за поправедна и за поразвиена држава, во која сите живеат достоинствено и просперитетно.
– Сечија посветеност е клучна за остварување на нашите заеднички аспирации. Затоа, надвор од какви било разлики, да работиме заедно и да ја направиме реалност оваа идеална држава со нашите заеднички вредности. За крај, дозволете ми во мое лично име, во името на пратениците и во името на Собранието да ви честитам Нова година со здравје, мир и со среќа вам и на вашите семејства. Срдечно, Среќна Нова 2025 година – вели Гаши во честитката.