Јавното претпријатие за државни патишта ги објави избраните кандидати кои ќе бидат привремено вработени во изградба на четирите делници од коридорите 8 и 10Д.
Помошничка на главниот координатор од Јавното претпријатие за државни патишта ќе биде докторката на науки Семијал Хасани Зибери.
Хасани Зибери е градежен инженер во приватна градежна компанија во Тетово. Во нејзината биографија стои и дека во 2020 година ја одбранила докторската теза со наслов „Сеизмичка повредливост на виталните објекти во Полошкиот регион“. Таа беше и пратеничка во собранискиот состав од 2002 до 2006 година од редовите на ДУИ.
Семијал Хасани Зибери е градежен инженер (во средина, десно)
Според огласот, за нејзиното работно место е предвидена плата од 70.052 денари.
На огласот кој беше објавен во април покрај помошникот на координаторот се бараа и извршители за 27 работни позиции кои се поврзани со реализација на проектот кој ќе го градат „Бехтел и Енка“. За дел од овие позиции се избрани кандидатите, но за дел не, бидејќи кандидатите не ги исполнувале условите.
Во првата тура вработени на проектот се и координаторот на единицата за подготовка на проектот која ќе ја врши Рами Јусуфи кој на ова работно место ќе добива нето-плата од 60.005 денари.
Координаторот на единицата за техничка изведба на проектот за која е избран м-р Александар Журовски од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија ќе зема плата од 65.029 денари.За специјалисти што треба да прават експропријација на имот за потребите на „Бехтел и Енка“ платата е 45.045 денари, а наместо четири кандидати, избрани се само двајца: Ратко Ајцев и Саќим Селими. За други двајца не се врши избор.
Иста плата е предвидена и за преведувач за која позиција е избран Арѓент Мехмеди.
Од планираните двајца администратори и двајца возачи, избрани се по еден кои ќе работат за плата од 30.000 денари. За овие позиции се избрани Кристина Дукоска и Милорад Стојкоски.
Како специјалист за изработка и следење на проектната документација е избран Ваљон Тефику. За оваа позиција се бараа двајца извршители.
Дел од огласите на кои се бараа и извршители на други работни позиции пропаднаа.
Избраните кандидати, според огласот ќе работат 40 часа во неделата. Дали нивното работно време ќе се приспособи на последните измени на законот за работни односи во делот на прекувремена работа не се знае.
Проектот е проценет на околу 1,3 милијарди евра, со кои треба да се изградат 4 автопатски делници во должина од 110 километри – три во западниот дел од земјата – коридор 8, а четвртата, коридор 10д, меѓу Прилеп и Битола.
Нивните договори за работа се до 22 јануари 2028 година, односно до завршување на проектот.
Изборот на кандидатите е објавен на 9 јуни и тече рокот од 8 дена за жалба.