Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вестите на Алсат ТВ беше запрашан дали ќе се кандидира за Претседател на Република Северна Македонија, со оглед на резултатите од анкетите, како и фактот што неговото име се споменува сѐ почесто како што се приближуваат претседателските избори.
„И анкетите и признанието од страна на граѓаните се само уште еден мотив повеќе да се посветам максимално за да ги завршиме сите работи кои ни стојат на рапсолагање. Затоа, за мене воопшто не е важно колку време трае мандатот – јас од првиот ден кога дојдов овде, тргнав кон остварувањето на целите кои ги зададов. Без притоа да калкулирам колку би можел да трае мандатот на министерот, дали еден, дали повеќе мандати, дали една година итн. Ако тргнете со пристап дека треба нешто да завршите и да ја остварите целта која ја имате, тоа е доволно важно за себе и за сите други кои се околу – да се препознае таа намера и да се оствари целта. Така што, во политичкиот дел за тоа сигурно дека ќе се разговара на ниво на партија, на ниво на партиски органи во носењето на таквите одлуки”, беше категоричен Спасовски.
Во однос на имињата за Претседател на државата, Спасовски рече: „Да, јас ги слушам спомнувањата на имиња, меѓутоа сето тоа е во рамки на шпекулации, разговори кои ги има во јавноста… Меѓутоа, јас сега воопшто не размислувам на тоа прашање. Можеби ќе дојде тема на која ќе разговараме и ќе ги соочиме сите аргументи. За мене што е важно?! Важно е да се направат добри анализи, важно е да се обединат сите структури кои подразбираат или ги споделуваат заедничките европски вредности, вредности за напредокот на државата и, таа опција да ја предводи Македонија и во наредните четири години. Тоа е мојот врвен приоритет и за тој приоритет ќе се борам. Личните амбиции, личните судбини и политички калкулации воопшто не се важни, за нас треба да биде важна Република Северна Македонија и секој еден граѓанин”, подвлече Спасовски.