Во интервјуто за „360 степени“ министерот за внатрешни работи запрашан кои се главните причини за засиленото присуство на полицијата во Центар и Аеродром образложи дека МВР веќе во подолг временски период работи засилено во однос на безбедноста на целата држава и на градот Скопје.
„Имавме две оперативни акции, првата е ‘Безбеден град’, втората е ‘Безбедно лето’ коишто ги спроведуваме на ниво на град Скопје и на ниво на државата. Сега, пред десетина дена, практично ги сумиравме резултатите од ‘Безбедно лето’ коешто функционираше и даде извонредни резултати во однос на подигнувањето на јавната безбедност. Што се однесува досегашното функционирање на ‘Безбеден град’ и на иницијативите коишто ги дадоа граѓаните, пред сѐ градоначалникот на општина Центар заедно со граѓаните од општина Центар, бидејќи знаете дека имаше нарушување на безбедноста – напад врз едно дете во Центар, во Дебар Маало – и тогаш се договоривме дека токму таму каде што имаме поголема фреквенција на луѓе, на граѓани, а таму се наоѓаат многу угостителски објекти, да правиме дополнителен надзор во вечерните часови. Тоа го правиме и во Општина Аеродром заради тоа што и во Аеродром се зголемува фреквенцијата, посебно околу ТЦ Бисер, каде се собираат групи на млади, сѐ со цел да превенираме да не дојде до некакво насилство“, истакна министерот Спасовски.
Министерот Спасовски образложи дека ваквата зголемена присутност на полицијата меѓу граѓаните наидува на голема поддршка, граѓаните пристапуваат и укажуваат на одредени негативни појави, индиции или ризици и практично таквиот партнерски однос придонесува за подигање јавната безбедност на територијата на цел главен град.