Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во вестите на Канал 5 изјави дека сите најавени делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев ќе им биде овозможено, притоа тој повика на достоинствено чествување на 4 февруари, денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев. Во однос на тоа кој може да има пристап до гробот на Гоце Делчев кај црквата „Св. Спас“, Спасовски нагласи:
– Ние објавивме податок преку Одборот којшто ова го организира сите кои најавија делегации кои сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев ќе им се овозможи тоа да го сторат. Во овој дел јасен е ставот кој го имаме. Ниту еден кој ќе помисли на било кој начин со транспаренти или знамиња на туѓи држави да го навреди македонската држава и македонскиот народ, тоа нема да можат да го сторат и за тоа ќе носат последици – рече министерот, додавајќи дека со ниту една постапка не смее да се дозволи навредување на македонскиот народ и држава или на нарушување на чувствата на македонските граѓани.
Спасовски е дециден дека не се потребни ноќни стражи, што е идеја на патриотските институти.
– Кревањето на тензиите во односите со соседна Бугарија не носи ништо друго, како што нема да носи кревање на тензии со било која од соседните држави. Ние како политика сме насочени кон меѓусебно разбирање и почитување. Тоа треба да биде обострано. Јас упатувам порака до граѓаните, да бидат спокојни заради тоа што навистина нема никаква индикација за вознемиреност и уште еднаш упатувам апел до сите граѓани за достоинствено чествување. Посебно до сите тие патриотски институти или здруженија да се откажат од идеите со коишто би го нарушиле јавниот ред и мир и безбедоста на државата. Никакви ноќни стражи, никакви стражарења, нема потреба од тоа, заради тоа што македонската полиција е тука како гарант на мирот и безбедноста – апелираше министерот Спасовски.