Денеска (12.01.2023) во кругот на Министерството за внатрешни работи, на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од страна на претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска му беше предадена опрема од мотоцикли за сообраќајната полиција.
„Овој денешен настан претставува уште една можност ние како Министерство за внатрешни работи, заедно со нашите партнери од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата да ја демонстрираме нашата докажана и плодна повеќегодишна соработка со единствена цел – подобрување на безбедноста во сообраќајот. Покрај многуте претходни примери на партнерство, денеска го официјализираме и ова примопредавање на опрема, вредна над 7,3 милиони денари, која се состои од 12 мотоцикли ‘пиаџо беверли’, целосно опремени за потребите на сообраќајната полиција, што нашите пријатели од РСБСП денеска ни ја врачуваат на користење”, рече министерот Спасовски, притоа додавајќи дека таквото заедништво претставува еден крајно позитивен и важен пример за тоа како меѓуинституционалната соработка може и треба да се реализира и развива, во конкретниот случај во интерес на сите чинители и учесници во сообраќајот.
Претседателката на Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, истакна дека соработката помеѓу РСБСП и МВР е заедничка цел и законска обврска.
„Искуството од минатите години покажа дека РСБСП и МВР се пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка која ќе продолжи и понатаму. Унапредувањето на работата на сообраќајната полиција и подобрувањето на нејзините капацитети е од исклучителна важност за подобрување на безбедноста на патниот сообраќај. Примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените контроли од стана на сообраќајната полиција”, истакна претседателката Кожуваровска.