Под мотото „МВР за граѓаните“ и промовирајќи го концептот „Полицијата во служба на граѓаните“, денеска во Делчево се одржа централната прослава по повод Денот на македонската полиција, 7 мај.
На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и други министри и претставници од Владата, претставници од амбасадите во РСМ, директори на полициите од земјите од регионот, пензионирани припадници на МВР, семејства на загинатите припадници на МВР, пратеници во Собранието, како и претставници на други институции.
– Следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните, од сегашна преспектива можеме слободно да заклучиме дека Министерството за внатрешни работи, сите негови организациски единици веќе се етаблираат не само како сервис и партнер на граѓаните, туку и како респектабилен партнер на надворешен план, активно ангажирани во мноштво регионални и меѓународни иницијативи, асоцијации и проекти во речиси сите области од безбедносната сфера – речево своето обраќање министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Според него, полицијата може и мора да остане доследна на трасираниот пат на бескомпромисно чување на законот и законитоста; на редот и поредокот и секако, на сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани.
Џафери апелираше до сите припадници на МВР, да бидат првата врата на која ќе тропнат граѓаните, првиот број на кој ќе се јават секогаш кога ќе се почувствуваат беспомошни и небезбедни.
– Затоа што е важно да се стекне и одржи високо довербата кај граѓаните, и да бидете пример за тоа што значи професионален полициски службеник во служба на граѓаните. Длабоко сум убеден дека заемната доверба и соработката низ останувањето на вистинската праведната страна на законот, ќе придонесат да имаме побезбедни улици, подемкоратски и пооправенди институции кои по ништо нема да заостануваат зад високостандардните европски полициски сили. Собранието на РСМ ќе биде, како и досега отворено за ваши предлози, сугестии и законски измени кои ќе бидат во насока на подобрување на ефикасноста на МВР, во насока на подобрување на вашиот статус – рече Џафери.
Во градскиот парк во Делчево беше презентирана дел од опремата, ресурсите и вештините на припадниците на организациските единици на МВР, а најинтересниот дел беше за најмладите кои се дружеа најмногу за полицајците и имаа можност да се запознаат со изложената опрема и возила, додека повозрасните граѓани кои денеска беа присуни во градскиот парк се запознаа со потенцијалот и опремата што ја поседува македонската полиција.
Во културно-забавниот дел од прославата настапија фолклорните друштва од Делчево, „Копачка“, КУД „Гоце Делчев“, ФГ при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, како и пеjачката група „Ѓурѓа”. На сцената, гимназијалката Сандра Марковска, која е првонаградена на литературниот конкурс со наслов „Безбедно детство“, ја прочита својата наградена творба. Свеченоста се заокружи со концерт на познатите македонски естрадни уметници Дац и Александар.