Спасовски: МВР во соработка со ОБСЕ изготвува мобилна апликација со Прирачник за  прв одговор при пријава за сторено семејно насилство

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Денеска, (24.11.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на панел дискусијата „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, по повод кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство врз жените“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, а во организација на Сојуз-национален совет за родова рамноправност.

Панел дискусијата беше реализирана во присуство на претставници од релевантни државни институции, меѓународни организации и национални граѓански организации во рамки на глобалната тема за 2023 година: „Да се вложиме заедно, да го спречиме насилството врз жените и девојчињата “ (UNITE! Invest to prevent violence against women and girls).

Министерот Спасовски одговарајќи на две прашања во рамките на панел дискусијата, потенцираше дека полицијата постапува по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство, како и тоа дека превенцијата е едно од клучните надлежности на институциите кога станува збор за овој вид насилство.

На прашањето кои програми се предвидени да се подобри обуката и едукацијата на стручниот кадар во МВР и другите институции што постапуваат во случаи на насилство, Спасовски истакна дека Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи, врши обука согласно две програми, односно Основна обука за полицаец и Континуирани обуки за вработени во Министерството.

„Согласно наставната програма за Основна обука за  полицаец, предвидена е задача за учење „Постапување при семејно насилство (обезбедување на родово сензитивни услуги за поддршка на лица кои претрпеле семејно насилство), со 14 часа. Во наставната програма  за Основна обука за полицаец, предвидена е и задача за „Родова еднаквост“ со 6 часа. Во однос на континуираните обуки на оваа тема, Центарот за обука со свои обучувачи учествува во нивна реализација, односно, најнапред би ја споменале Обуката за обучувачи за спроведување почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство. Согласно предвидениот план и динамика за спроведување на оваа обука, обуката се спроведува од страна на  обучените обучувачи каскадно, на предвидените целни групи слушатели”, истакна Спасовски, дополнувајќи дека во соработка со Мисијата на ОБСЕ и надворешен експерт-консултант, минатиот месец отпочна со спроведување и на „Обука за одговор и полициско работење на родово базирано насилство“.

„За реализирање на оваа обука, веќе се обучени обучувачи од сите сектори на МВР на оваа тема, кои имаат задача со помош на Центарот за обука и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје каскадно, но целосно да ја спроведат обуката во своите сектори. Притоа, планирано е учество во оваа обука за сите полициски службеници”, рече Спасовски.

 Во однос на тоа како е предвидено да се сензибилизираат службениците кои што директно работат со жртви на семејно и родово базирано насилство, Спасовски информираше дека во тек е реализација на иницијатива на МВР за потреба од изготвување на мобилна апликација со Прирачник за полициски службеници кои даваат прв одговор при пријава за сторено семејно насилство.

„Ова го работиме во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Виена. Што се однесува до фазата на реализација на овој проект, во моментов се формира Работна група, која ја сочинуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, јавен обвинител и претставници од ОБСЕ, кои имаат задача да работат на материјалите и податоците кои ќе бидат содржани во Прирачникот на ова мобилна апликација. Во овој Прирачник треба да биде опфатено сето она што полициските службеници кои даваат прв одговор на жртвата на семејно и родово базирано насилство треба да го знаат при постапувањето, како практични чекори, а благодарение на мобилната апликација тоа знаење сублимирано во Прирачник, во секој момент ќе може да биде достапно за службеникот и како потсетник при постапувањето”, рече Спасовски, додавајќи дека Центарот за обука со поддршка на УНФПА учествува во организацијата на три тридневни обуки за родово базирано насилство, планирани за месец ноември и декември, а кои се наменети за вработени полициски службеници, за кандидати за Основна обука за полицаец и за претставници на Академијата за судии и обвинители и има за цел токму поттикнување на таа заедничка координирана акција во спречувањето и превенирањето на семејното и родово базираното насилство.

Share This Article