Во грчкото летувалиште Ханиоти кое е една од омилените дестинации и за македонските туристи, вчера за малку била избегната трагедија. Ветерот и морските струи однеле двегодишно момче од Србија, на два километри од брегот.
Момчето било на гумен чамец, објавија во групата „Никана“ на Фејсбук.
Кога сфатиле дека момчето го нема и го виделе во водата, неколку луѓе, меѓу кои и родителите, се обиделе да го спасат, но залудно пливале за да стигнат до момчето, бидејќи детето се оддалечувало и струите го го носеле се подалеку од брегот. По 30 минути агонија и повикување на помош од сите присутни во тој момент, маж на скутер дошол до детето и го извлекол на брегот. Момче било вратено живо и здраво на брегот кај неговите загрижени родители.
Драмата на плажата во Ханиоти за среќа, добро се завршила, но бидејќи ова не е прва ваква ситуација, упатен е апел до родителите да не ги оставаат децата сами со душеци и со гуми за пливање, посебно во периоди кога има ветар и силни морски струи.
За потсетување, слична ситуација се случи во Ханиоти и пред две години, кога тригодишното девојче беше однесено од морето на километри оддалечено, а беше спасено од екипаж на траект.
Минатата година пак, три возрасни момчиња од Македонија на Халкидики беа однесени од морските струи, двајца беа спасени, но 20-дневната потрага по третиот, Мартин Јовановски, беше безуспешна.