Советодавно тело ќе одлучува за имињата на новите здруженија

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Откако името „Ванчо Михајлов“ на бугарскиот културен клуб во Битола ги искомплицира работите, Владата на Република Македонија на денешната редовна 79. седница донесе одлука за формирање Советодавно тело за давање на мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.

Како што соопшти владината прес-служба, претходно била усвоена информацијата за потребата од иницирање меѓу-ресорско, ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, што е во фаза на изработка.

Оттаму посочуваат дека ова е преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата и сите правни субјекти, кои во името имаат историска личност.

„Формираното тело ќе ги анализира поднесените предмети и на надлежните институции ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи“, се вели во соопштението.

Советодавното тело, како што наведуваат, е составено од седум членови, номинирани од самите институции и тоа д-р Билјана Ристовска-Јосифовска редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј‘‘ – Скопје, д-р Бобан Петровски, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје – за прашања од антички период и среден век, д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје – за прашања од нов и најнов век, Академик Драги Ѓоргиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, Антонио Павлоски, посебен советник во Кабинетот на Министерот за култура, Билјана Мицковска, од Сектор за правни работи при Министерството за економија, Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и Ана Трајчева – регистратор во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Од Владата посочуваат дека во работата на ова тело по потреба може да бидат вклучени дополнително и други лица од граѓанскиот сектор и надлежните институции.

Share This Article