„Користејќи го македонскиот јазик во јавната комуникација во земјата, а не мајчиниот албански, Албанците глумат пиони во државата, наместо да ја покажуваат својата државотворност како народ, зборувајќи на својот јазик. Зборувајќи на македонски јазик, Албанците искажуваат комплекс на пониска вредност, својствена за еден општествен слој, кој албанскиот јазичар и политичар Фаик Коница ги нарекуваше ‘левантинци’ и мајмуни, кои имитираат други“ – вели Беким Ќоку, официјалниот претставник на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување) за Македонија и политички советник на косовскиот премиер и лидер на таа партија Албин Курти.
Овие „препораки“ за Албанците од Македонија да не говорат повеќе на македонски јазик Ќоку ги изнесува во објавата на својот профил на Фејсбук, која ја пренесе и информативниот портал на албански јазик Алмакос под наслов „Што ги принудува некои Албанци да објавуваат постови на македонски јазик?“.
На Фејсбук-профилот, покрај другото, Ќоку пишува:
„Што ги принудува некои Албанци да ги пишуваат своите објави на македонски јазик на општествените мрежи, особено во ова време кога програмата за преведување на гугл го преведува секој текст на секој јазик во светот? Пишувањето е политички чин. Упатува порака и како форма, без содржина. Не случајно кириличното писмо на македонскиот јазик е заштитено и санкционирано со посебен закон.
Пишувајќи на македонски јазик, индиректно прифаќаме дека власт е само македоноговорната страна. На овој начин му ја поништуваме целосно реалната моќ на албаноговорната партија-властодржец. Со обликот на јазикот во комуникацијата ние покажуваме кој е навистина државотворен тука кој глуми пиони на државата, а кој е шефот. На тој начин албанските властодршци не се ставаат себеси во категоријата на власт, на државотворци, туку само на обожаватели.
Лингва франка (јазик кој го говорат сите во една земја- заб.прев.) во Македонија е македонскиот јазик. Секој што се обидува да изгледа тренди, да биде во „шема“, да биде дел на супериорниот дел на општеството, мора да ги пишува и да ги објавува своите мислења на лингва франка на земјата, односно на македонски јазик. Но, на тој начин се искажува несвесно комплекс на пониска вредност кај еден општествен слој, кој албанскиот политичар и јазичар Фаик Коница од минатиот век ги нарекуваше „Левантинци“. Коница велеше дека левантинците имитираат како мајмуни.
Ова може да се поврзе со официјалната употреба на албанскиот јазик. Тој не е официјален на целата територија на земјата и не е во уставот рамноправен со македонскиот јазик. Неостварувањето на правото да се говори на мајчиниот јазик се јавува токму кај Албанците. Тие самите не го почитуваат својот јазик, иако е пропишан со законот за јазиците, кои ги говорат оние, што ги има повеќе од 20 проценти во структурата на населението.
Ова право не го почитуваат ниту градоначалниците-Албанци на општините, кои ја имаат сета таа народна и уставна моќ. Пред сѐ албанските властодршци, интелектуалци, академици и уметници се одговорни за спроведување на законот. Тие треба да ја играат улогата на пионери, на авангарда на промените“, пишува Ќоку.