Џеред Кушнер се лекувал од рак на тироидната жлезда додека работел во Белата куќа. Сопругот на Иванка Трамп за својот страв предизвикан од рак пишувал во претстојните мемоари „Breaking History: A White House Memoir“, а информацијата беше објавена во американскиот печат.
„Њујорк тајмс“ објави извадок од книгата оваа недела. Во таа објавена статија, Кушнер се сеќава на разговорот со лекарот од Белата куќа Шон Конли во октомври 2019 година, додека патувале во Тексас.
„Тоа утро кога патував за Тексас за да присуствувам на отворањето на фабриката на „Луј Витон“, лекарот од Белата куќа Шон Конли ме повлече во медицинската кабина на Air Force One. ‘Пристигнаа вашите резултати од болницата Волтер Рид. Изгледа дека имаш рак, мора да закажеме операција, веднаш’, рече тој“, раскажува Кушнер во книгата.
Потоа му рекол на лекарот да почека и да дојде во неговата канцеларија следниот ден.
„Те молам, не кажувајте никому – особено на мојата сопруга или тештот“, замолил Џаред за да не стигне лошата вест до Иванка или до тогашниот претседател Доналд Трамп. И Иванка и Џаред тогаш работеа во Белата куќа како високи советници на претседателот.
Фотографиите направени тој ден покажуваат како Кушнер седи до својата сопруга во Алварадо, Тексас во објектот на „Луј Витон“. Тие седеле во првиот ред за време на говорот на Доналд Трамп, додека претседателот беше фотографиран како го проверува квалитетот на чантите.
Кушнер вели дека неговиот рак бил откриен „рано“, но „значителен дел од мојата тироидна жлезда мораше да се отстрани“. Постоела опасност операцијата да влијае на неговата способност на говор.
Лекар во болница во Њујорк одлучил дека на Кушнер му е потребна операција за отстранување на невообичаениот израсток на штитната жлезда и ја закажал за петок, пред „Денот на благодарноста“.
„Така пропуштив минимално време во канцеларијата. Моето отсуство немаше ниту да се забележи, а сакав да биде така. Тоа беше личен проблем, а не за јавна дискусија“, заклучил Кушнер.