Сојузот на синдикати на Македонија најостро се спротиставува на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела неработен ден.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсетува дека ССМ по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.
– Денес, работниците во Македонија се соочени со сѐ поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати, како и барањата на газдите од Стопанската комора за кратење на работничките права, а особено кратење на неработните денови. Нагласуваме дека недела неработен ден врати малку од работничкото достоинство, а на претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни дена – вели Трендафилов за МИА.
Од ССМ прашуваат во кое својство Стопанската комора се појавува со барања кога партнер на синдикатите во социјалниот дијалог е Организацијата на работодавачи на Македонија.
– Најостро се спротиставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат – велат од ССМ.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески вчера изјави дека би сакал да има средба со синдикатите на која ќе ги соочат аргументите за недела неработен ден.
– Мислам дека е време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа имаме свои аргументи. Не ги криеме аргументите, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се корегира или сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно „брцаат“ во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас – изјави Азески.
Стопанската комора на Северна Македонија покрена и иницијатива пред Уставен суд за овој закон по што уставните судии одлучија недела да остане неработен ден за работниците.