Според податоците на бугарското Министерство за правда од 2001 до 2022 година врз основа на бугарско потекло бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а 99.340 од нив веќе го добиле.
ЌЕ СЕ ФОРМИРА СОВЕТ ЗА КООРДИНАЦИЈА НА ПОЛИТИКИ ЗА БУГАРИТЕ НАДВОР ОД РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА
Бугарското МНР предложило и Закон за измена и дополнување на Законот за Бугарите кои живеат надвор од Република Бугарија. Според образложението на Марија Габриел, измените се предлагаат за да ги пополнат законските празнини токму преку конституирање на нов државен орган – Совет за координација на политики за Бугарите надвор од Република Бугарија, кој ќе функционира паралелно со законски предвидениот Национален совет за Бугарите кои живеат надвор од Република Бугарија
Каква е разликата меѓу двете тела? Во првото тело членуваат претставници на бугарски заедници во странство, а во новопредложеното треба да седнат лично претставници на бугарската влада.
Конституирањето на Советот за координација се смета за предуслов за решавање на прашања од координативен карактер, поврзани со зачувувањето и ширењето на бугарскиот јазик и култура меѓу бугарските заедници во странство и зачувување на бугарското културно и историско наследство. Според предлогот, Советот ќе издава насоки и ќе препорачува активности за реинтеграција на бугарските државјани кои се враќаат во Република Бугарија; ќе ги штити правата и интересите на Бугарите во странство; ќе ги синхронизира активностите на програмите и проектите насочени кон бугарските заедници и нивните организации надвор од државата; ќе формулира цели задачи насочени кон политиките поврзани со бугарските заедници и нивните организации надвор од земјата.