Собранието задутре ќе ја одржи втората седница, на чиј дневен ред е и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Како што стои на собраниската веб страна, на дневен ред на оваа седница се и две други точки – Верификацијата на мандат на пратеници во Собраниетои Предлог на одлук ата за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на собраниските комисии.
Собранието треба дополнително да го утврди мандатот на кандидатот за пратеник на пратеничката од шестата изборна единица Имрлије Салиу Фетаи по прегласување на неколку избирачки места на 22 мај во оваа изборна единица.
Во образложението за предложените измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа е наведено дека целта е реорганизација на министерствата и органите на државната управа, на начин што ќе овозможи нивно правилно функционирање, непоклопување на надлежностите и соодветна линија на отчетност врз основа на претходно дефинирани показатели на успешност на работа на институциите.
„Реорганизацијата на министерствата и другите органи на државната управа се врши со цел прилагодување на нивната работа на современите потреби на функционирањето на органите на државната управа, особено во смисла на поставување на поголем фокус на работите во областите на енергетиката, минералните суровини, рударството, како и на спортот. Во смисла на надлежностите, министерствата добиваат појасни надлежности, се разграничуваат испреплетените надлежности помеѓу постојните министерства и се овозможува простор да рамковното регулирање на органите на државната управа биде точно утврдено со материјални закони“, се посочува во образложението.
Се наведува дека неопходноста од изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се предвидува и формирање нови министерства произлегува од фактот што некои органи на државната управа и управни организации како и самостојните органи не се функционални и не ја исполнуваат основната нивна функција односно истите не функционираат за поефикасно остварување на правата, должностите и интересите на граѓаните и правните лица.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денеска ги предложи во Собранието по скратена постапка измените на Законот за организација на работата на органите на државната управа, со коишто ќе се прави нова реорганизација на владата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика сите пратеници да ги поддржат измените. Со ваквите измени, според Мицкоски, ќе добиеме ефикасност, осовременување на владата и да го подобриме животот на граѓаните.
– Ветивме функционална и правна држава, ефикасна Влада што ќе спроведе реформи. Суштината на огромната доверба од граѓаните е политиките кои што треба идната влада да ги спроведе за да има владеење на правото, да нема граѓани од втор ред, да се зајакне економијата, учениците да имаат учебници на почетокот на годината, во здравството да има услови, за земјоделците субвенции и се она што сме ветувале во програмата. За се ова да се спроведе е потребно да се донесат измените и реорганизација на ресорите на Владата – изјави Мицкоски.