ВМРО-ДПМНЕ бара да се стави Информација за состојбата во Судскиот совет како точка на дневен ред уште на првата наредна седница на Собранието, да си поднесе оставка Судскиот совет во целост, а потоа и Владата да биде повикана на одговорност – изјави денеска на прес конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска.
Таа рече дека нејзината партија со години алармира за партизацијата која ја врши власта на СДСМ и ДУИ во правосудството.
– Метастазирани се Судскиот совет, судовите, обвинителствата. Посочивме дека ставање партиски активисти и функционери на чело на Судскиот совет е пракса која ќе ѝ се удри од глава на владата. Бевме игнорирани, затоа што очигледно планот им бил целосно да го партизираат правосудниот апарат. Сега, откако и нашите меѓународни партнери алармираа за состојбите во судството, власта не знае како да излезе од ситуацијата во која самата влезе.
По циркусот во Судскиот совет, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за ставање на точка на деневен ред во Собранието, под име – Информација за состојбите во Судскиот совет. Информацијата ја имаме доставено во собраниската архива на 3 мај. Изгласана е како 35-та точка на дневниот ред на 115-та пленарна седница, која започна на 10 мај и досега се имаат одржано 11 нејзини продолженија. Од отварање на оваа точка сѐ уште нема абер.
По поднесување на оваа точка, имаше редица скандалозни обвинувања од страна на членови на Судскиот совет, обвинители, судии, за партизираноста на советот, но и партизацијата која тој ја спроведува.
Ваквата партизираност ја гледаме и во ЈО, каде шеф за гонење на организиран криминал е Ислам Абази, човек кој целата јавност можеше да види дека бил во често друштво со луѓе од врвот на ДУИ, иако пред да излезат фотографиите, истите тврдеа дека не го познаваат.
Судските решенија на оваа власт се и Кацарска, која како награда за нејзиното подаништво доби место во Уставен суд, Јовевски и низа други извршители, кои куцаа обвиненија и штанцаа пресуди, како да се пресликани од соопштенијата на СДС.
За нефункционалноста на судството алармираа и меѓународните партнери. Но, пред сѐ, треба да се каже дека за истата има само еден виновник, и тој има име и презиме: СДС и ДУИ.
Одговорност за ова мора да има. Затоа, најпрвин бараме ставање на точката за Информација за состојбата во Судскиот совет на дневен ред, уште на првата наредна седница, оставка од Судскиот совет во целост, а потоа и одговорност од Владата. Ова се вистинските проблеми кои ја мачат државата. Одговорност мора да има. Партизацијата и примитивизмот на СДС и ДУИ мора да запрат – рече пратеничката Дафина Стојаноска.