Измените на Законот за јавните набавки има цел да ја зголеми ефикасноста и да ја подобри правната заштита за компаниите, објасни денеска пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
– Прво, затоа што оваа Државна комисија за жалби по јавни набавки не покажа ефикасност и резултати. Ние гледаме и според одредени анкети, спроведени од институти и од ЕК, дека голем број на стопанственици дури не ни поднесувале жалби по јавните набавки затоа што знаеле дека однапред е одлучено како ќе биде – рече пратеникот Милошоски во изјава за Канал 5 телевизија.
Тој додаде дека во управната постапка или во административната постапка се работи за подобрување на ефикасноста, за да нема преклопување на надлежноста на Бирото за јавни набавки со надлежноста на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
– Целта е да се зголеми ефикасноста на Бирото за јавни набавки во почетокот на самата постапка кога има одредени поголеми јавни набавки, а Државната комисија за жалби по јавни набавки да биде крајната инстанца која ќе значи правна заштита на оние стопански субјекти кои сметаат дека има повреда на постапката. Сметаме дека ова разграничување ќе ги направи двете институции поефикасни во управувањето со финансиите и големите јавни набавки – вели Милошоски.
Милошоски истакна дека измените се поврзани со реформската агенда на Владата и со Планот за раст на ЕК.
– И третата работа, зошто го правиме по скратена постапка, затоа што овие измени се поврзани и со реформската агенда на Владата и со Планот за раст на ЕК, каде како држава сме презеле одредени обврски, но, претходната влада не ги реализирала навремено. Ние треба во 2025 година да ги намалиме електронските набавки под 40%. Досега биле навистина преголеми, што создавало сомнеж дали истите се правилни или голем дел се злоупотребуваат и токму имаме таква интервенција да се ограничи оваа можност за за електронски јавни набавки – истакна Милошоски.
Сакам да потенцирам, додаде Милошоски, дека актуелниот предмет со РЕК Битола со големи јавни набавки, со преголем сомнеж за можен организиран криминал или корупција, покажуваат дека досегашното дејствување на Државната комисија за жалби по јавни набавки, според овој закон, не било на задоволително ниво. Во иднина ќе треба многу посилен ангажман на овие две институции за да имаме поголема контрола во јавните набавки – укажа Милошоски.
Пратеникот Фатмир Битиќи денеска рече дека предлог-законот за јавни набавки поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ е аларамантен.
– Овој алармантен тренд за носење на закони по скаретна постапка отвора простор за манипулација и злоупотреба на институционалната моќ и за ограничување на транспарентноста. Кога законите се носат без консултација со засегнатите страни, без отворени дебати и без јавна расправа тој процес ја губи демократска легитимност – рече Битиќи.
Со предлогот, изјави тој, има обид за смена на Комисијата за жалби по јавни набавки, се одземаат ингеренциите на Бирото за јавни набавки и се укинува одредбата за транспарентност.
– Впрочем, се укинуваат две суштински работи, едната е укинување на управната контрола, единствениот механизам за контрола на јавните набавки од поголем обем, за стоки и услуги и за работи во државата. Се воведува административна проверка наместо упрвна контрола. Второ, се укинува можноста за јавно објавување на мислењата на Бирото за јавни набавки. Да не зборувам за зголемување на бројот на членовите, начинот на нивно разрешување и докажувањето на познавањата – рече Битиќи.
Сметаме дека е ова директен упад во системот на јавни набавки, додаде тој.
– Само да потсетам, законот е донесен во 2019 година без ниту еден глас против, поддржан од сите пратеници, целосно усогласен со ЕУ легислативата. Образложението коешто овие 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го кажуваат дека ова е во насоки на постигнување на некои индикатори од реформската агенда, не е точно. Треба да се унапреди системот, а не да се враќа назад – рече Битиќи.
Пратеничката група на СДСМ поднесе два амандмани, со кои бараме останување на сегашните одредби, додаде пратеникот од СДСМ.