Двојно повеќе Руси сметаат дека Москва би имала право да употреби воена сила за да го спречи Киев да се приклучи кон Северноатлантскиот договор (НАТО), отколку дека тоа би било погрешно, покажуваат резултатите од анкетата на Си-Ен-Ен во Русија и Украина.
Секој втор Русин (50 отсто) смета дека тоа би било правилно, додека само една четвртина (25 отсто) велат дека тоа би било погрешно.
Сепак, анкетата исто така покажува и дека повеќето Руси сметаат дека би било погрешно да се користи воена сила „за обединување на Русија и Украина“ – две земји со долга и комплицирана историја на односи.
Анкетата покажува дека 43 отсто од Русите веруваат дека употребата на воена сила против Украина со цел приклучување кон Русија би било погрешно. Во исто време, 36 отсто од испитаниците веруваат дека тоа би било правилно. Другите испитаници одговориле дека не знаат што е правилно.
Од другата страна на границата, повеќето луѓе во Украина не се согласуваат со употребата на сила против нив. Седум од десет испитаници таму велат дека би било погрешно Русија да употреби воена сила за да ја спречи Украина да влезе во НАТО (70 отсто) или да ги обедини двете земји (73 отсто).
Повеќето Украинци го отфрлаат тврдењето на рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот дека нивната земја нема историска основа и дека во суштина е креација на Советскиот Сојуз.
Низ целата земја и меѓу сите возрасти, мнозинството Украинци велат дека не се „еден народ“ со Русите и дека двете држави не треба да бидат една целина.
Анкетата, која опфати повеќе од 1.000 луѓе во секоја земја, е спроведена онлајн од 7. до 15 февруари, пред говорот на Путин во понеделникот и признавањето на двете сепаратистички републики во Украина.