Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно”

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Со сослушување на сведоци предложени од одбраната денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Плацови на Водно”.

Прва беше сослушана актерката Софија Куновска, која рече дека во 2012 година била член на Советот на Град Скопје од советничката група на СДСМ, каде иако гласале против предложениот ГУП на Градот Скопје тие биле надгласани и тој бил донесен.

Сведокот Дејан Митревски – Урко, кој од 2000 до 2014 година работел како шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, на прашање од адвокатот по службена должност на Груевски, дали некогаш чул Груевски да барал од некого урбанизирање на локацијата „Шербетница на Водно, тој рече дека такво нешто немал слушнато, ниту пак чул дека некогаш сакал да купи место на таа локација.

Прашан дали присуствувал на средба меѓу Никола Груевски и Јордан Камчев, сведокот рече класична средба немало, туку само случајно ако се сретнеле на улица или на настан.

На прашање од Судот, дали се грижел за обезбедување на неговиот дом и која е адресата, сведокот рече дека тоа било на улица Бихаќка, трети кат, стан 15.

– Не можам точно да се сетам кога последен пат сум се сретнал со него, ама мислам 2015 или 2016 година. Откако му заврши мандатот не му бев обезбедување – изјави Митревски.

Според Митревски, Груевски имал нормален однос и со Мијалков, со кого рече дека не се гледал често, додека бил премиер.

Трета сведочеше новинарката Ивона Талевска, која од 2011 до 2016 година работела во телевизија „Сител, рече дека од брифинзите и состаноците во Владата во 2013 година заклучила дека односот на Камчев со Никола Груевски и Владата биле исклучително лоши.

На прашање од Камчев, дали од тоа може да заклучи дека воопшто немало никаква бизнис релација меѓу него и Груевски додека тој бил премиер, Талевска рече дека, тој тоа јавно го потврдил на прес-конференција во 2013 година, кога рекол дека ниту имал, ниту планирал средба со бизнисменот Камчев.

- Advertisement -
Ad image

На прашање од Судот, какви биле односите на Груевски со Мијалков, Талевска рече дека нејзин личен заклучок е дека тие не биле во најдобри односи.

Последен беше сослушан сведокот Оливер Димитровски, основач и сопственик на фирмата за корпоративни недвижности „Њу веј лимитед“, кој рече дека од Орце Камчев добил две локации од кои една на Водно, а една кај Филип 2, додека барал повеќе локации да понуди за можна странска инвестиција за отворање старечки домови, но дека тоа не се остварило.

На прашање од Камчев, дали земјиштето на Водно во периодот 2016 – 2018 година било наменето да се продаде на странска фирма за изградба на старечки домови, сведокот рече да, но дека за жал тоа не се реализирало.

- Advertisement -
Ad image

На денешното рочиште, поради приватни причини, не присуствуваше сведокот Боркица Груевска, која ќе биде сослушана на следното рочиште, закажано на 28 февруари.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Лиле Стефанова.

Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Share This Article