More

    Со седум гласа „за“ Судскиот совет на денешната седница ја запре постапката за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми

    spot_img

    Со седум гласа „за“ Судскиот совет на денешната седница ја запре постапката за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

    Мислењата на членовите на Судски совет во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на врховен суд, Беса Адеми, за нејзиното отсуство од седниците на Советот без соодветни докази и непојавување на средбата со поранешниот претседател Сашко Георгиев, на расправата беа поделени.

    Дел од членовите посочија дека постапката треба да се запре и да се земат предвид сите околности помеѓу кои намерата на претседателката и нејзините обврски како претседател на Врховен суд. Додека, други, пак, порачаа таа да биде опомената поради нејзиното несоодветно постапување.

    Членот Антоанета Димовска рече дека смета дека во случајот нема повреда на овластувањата и е неопходна соработка помеѓу овие тела.

    – Ние не сме непријатели на судиите, секој од нас по закон и Устав има строго определено место, ајде да се почитуваме, и да ја работиме работата така како што треба – рече таа, нагласувајќи дека ќе гласа за запирање на постапката.

    Судијата Ивица Николовски, член на Судски совет, исто така, смета дека во постапката не се утврдило пречекорување на одредбите на кои се заснова барањето за одговорност.

    – Не постојат силни аргументи и докази дека претседателката на Врховниот суд ги сторила повредите кои ѝ се ставаат на товар и дека нејзиното недоаѓање е поради ситуацијата која настана во Судскиот совет – рече тој, давајќи предлог постапката да се заврши на позитивен начин.

    Членот Селим Адеми истакна дека секое барање за утврдување на одговорност не значи и разрешување.

    Додека, за членот Тања Чачарова Илиевска, работата на Судскиот совет, како што кажа „е малку посериозна од недоаѓање на седници и нејавување на телефон на претседателот на Советот, затоа што ги надминала притисоците“.

    – Мојот став е дека се сторени сериозно повреди, во конкретниов случај се и опишани доволно јасно и дека постапувајќи во случајов спротивно на Законот за Судски совет е направена повреда од страна на претседателот на Врховен суд, односно ги пречекорила и повредила законските овластувања – рече таа, дополнувајќи дека нема да гласа за запирање на постапката.

    Членот Мери Радевска се наврати на барањето за кое посочи дека има конкретни наводи и докази, кои, според неа, не претставуваат повреда. Таа повика на усогласување на стандардите и кажа дека правната одлука, како што рече, е запирање на постапката.

    Членот Павлина Црвенковска се согласи со одговорот на одбраната на претседателката на Адеми, дека не постои сериозен основ на одговорност и дека ослободувањето од одговорност нема да значи само зачувување на угледот и авторитетот на претседателката, туку, во исто време, ова ќе влијае позитивно и за авторитетот на Судскиот совет.

    Членот Сашко Георгиев апелираше да се најде решение за улогата и учеството на членовите по функција во иднина во Судскиот совет и изрази задоволство што со овие случувања, како што рече, „работите се движат напред“, но, дополни дека Законот и Уставот остануваат да важат.

    Лорета Георгиевска посочи дека одговорноста за поведувањето на иницијативата треба да ја понесат сите членови и, како што рече, со појавувањето на претседателката на Врховен суд на една од седниците веднаш по иницијативата, се утврдило дека можело и поинаку. Таа потенцираше дека, како што рече „во многу наврати имаше селективна правда во адреса и во полза на овој претседател на суд во споредба со други претседатели“.

    Според претседателката на Судскиот Совет, Весна Дамева, причините за недоаѓање на Адеми се оправдани, затоа што, како што рече, тие тоа го оправдале.

    – Причините се оправдани затоа што ние тоа сме го оправдале. Нема нотирано на записници дека не е оправдано, немаме барано навремено докази – рече таа.

    Таа рече дека смета дека изјавата за притисоци што Адеми ја даде во новинарско интервју е само начин да се заштити себе си и посочи дека ќе гласа за запирање на постапката.

    Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница одржана на 11 јануари. Ова следуваше по јавната седница што се одржа на крајот од декември лани, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на Адеми.

    По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.

    На расправата, Мустафа побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд ги оцени наводите како неосновани и побара одлука со која постапката ќе запре.

    Судскиот совет на Република Северна Македонија е самостоен и независен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите. Советот е составен од 15 члена, од кои по функција негови членови се претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и министерот за правда.

    Според Законот за Судски совет, членовите на Советот по функција учествуваат во работата на Советот без право на глас, но не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд.

    Седницата треба да продолжи со расправа за формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img