Поднесена е кривична пријава против шестмина полицајци, вработени во затворот „Идризово“, за кои постои обвинение дека им помогнале на седуммина затвореници да избегаат од затвор.
Денеска (04.10.2024) Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против шест лица, сите припадници на затворската полиција, вработени во КПУ-КПД Идризово и тоа: И.И. (37), Ј.А. (36), И.Ј. (50), Д.П. (34), Ф.Б. (31) и В.Т. (36), за сторено кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 став 2 од КЗ.
„Пријавените И.И. и Ј.А,. во својство на службени лица-затворски полицајци вработени во КПУ-КПД ‘Идризово’ на 01.02.2023, додека ги извршувале работните задачи во Отворено одделение, со давање лажни податоци, односно изјава, спрема раководните затворски полицајци, им овозможиле на група осудени лица да бидат надвор од рамките на затворот, спротивно на судски пресуди според кои требало да издржуваат казна затвор во КПУ-КПД ‘Идризово’, на начин што при утврдување на бројната состојба на осудени лица во отворено одделение во КПУ-КПД Идризово имало 7 отсутни лица од установата, додека И.И. и Ј.А. констатирале дека сите осудени лица биле присутни, за што усно ги известиле командирите, овозможувајќи им бегство на осудените лица Ј.Р., И.Ј., Н.Б., С.С., Р.К., И.Р. и Е.С..
Пријавените И.Ј., Д.П., Ф.Б. и В.Т. истиот ден не презеле дејствија за да го задржат осуденото лице Р.К., да го напушти затворот, кој пред нив се упатил кон вратата од пријавницата и избегал.
Пријавените затворски полицајци постапиле спротивно на процедурите, надлежностите и работните задачи и обврски за обезбедување, со што сториле кривично дело ‘овозможување бегство на лице лишено од слобода’ по член 372 став 2 од КЗЕ“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела, сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во КПУ Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.1 в.в со чл.22 од Кривичниот законик.
Според наводите во кривичната пријава на 01.02.2023 година, осомничените како службени лица – затворски полицајци вработени во КПУ-КПД Идризово, додека биле на смена и постапувале по Наредба за извршување на работните задачи за наведениот ден, како соизвршители, спротивно на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за овластувањата на затворската полиција и начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во КПУ-КПД Идризово.
„Ценејќи дека се исполнети условите, а заради непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело согласно член 146 ст.1 т.1, 2, 3, 6 и 7 од Законот за кривична постапка. За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него“, се наведува во соопштението од Јавното обвинитлество.
За ова кривично дело согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.