Државата мора да овозможи и законски да ги регулира условите за работа на странци, но пред тоа и да ги исцрпи сите расположливи можности да го спречи одливот на работници и да го активира работоспособното население, а газдите да бидат подготвени да ги подобрат условите за работа, да ги зголемат платите и да ги почитуваат законите поврзани со работниците, а со тоа и на странските работници, велат бизнисмени, синдикалци и експерти.
Според нив, процесот на вработување странци не е лесен и ако сака државата да го овозможи ќе треба да создаде регулирани услови за нивно ангажирање во земјава што досега го нема и со тоа да го либерализира пазарот на трудот. Тоа подразбира дека земјава е подготвена и да му стави крај на работењето на странци на црно, бидејќи анализите покажуваат дека годишно на ваков начин само со туристичка виза се вработуваат повеќе од 3.500 странци.
Газдите треба да бидат подготвени да инвестираат во странски работници
Ангел Димитров, претседател на собранието на организацијата на работодавачи вели дека бизнисмените ќе треба да се приспособат на состојбата и да почнат да вложуваат во создавање дополнителни услови за вработување на странски работници, но главно е владата да го отвори пазарот на трудот за тоа.
– Ако не сакаат да ги затворат фирмите, бизнисмените ќе треба да ги исполнат сите услови кои ќе бидат пропишани за да донесат работници од странство, бидејќи тоа со себе носи и дополнително вложување во сместувалишта, осигурување, храна и други услови за работа и социјализација на луѓето кои ќе дојдат да работат во земјава. Тој процес е почнат во земјите од регионот. Кај нас мислам дека процесот нема да оди брзо и затоа сметам дека владата треба што побрзо да почне со подготовка на легислативата за да не се доведеме во состојба со пензионирање на работниците да се затвораат фирми бидејќи нема да има работници. Кај нас веќе нема млади, заминаа во странство, па фирмите се сведени на работници во поодминати години кои чекаат да се пензионираат – вели Димитров.
Професорот Здравко Савевски смета дека владата пред да размислува да овозможи вработување странци во земјава, треба да направи анализа дали во овој момент е толку алармантна состојбата и дали се исцрпени сите можности за обезбедување работници од невработените и од неактивното работоспособно население во земјава.
Владата да оцени дали ниските плати се проблем за одливот на работници
– Според статистичките податоци за отворени работни места, бројката е помала од 10.000 работници, што со оглед на бројот на вработени во земјава е мала. Што значи не е толку алармантна состојбата, но сепак е потребно да се преземат мерки. Владата треба да има предвид и дека има доволен број невработени и неактивно работоспособно население кое треба да се мотивира. Анализата треба да покаже и дали овие 10.000 слободни места не се пополнуваат затоа што се нископлатени. Еве, за почеток предлагам, газдите кои тешко се ослободуваат од профитот и главно бараат млада работна сила која ќе им работи за ниски плати и по можност прекувремено како во 90-те години, да пробаат да ги зголемат платите и да ги подобрат условите за работа и да отворат огласи за вработување на работни места со повисоки плати. Ако и за ваквите работни места и плати не се јават работници, не само млади туку и постари, кои не се интересни за газдите, тогаш дури можеме да кажеме дека имаме проблем кој треба да се решава со работници од странство – вели Савевски.
Тој додава дека реалните плати во земјава се далеку пониски од прикажаните номинални плати, што остава можност за зголемување на платите.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија се со став дека владата треба да ги намали придонесите за плати за да се спречи моменталниот одлив на работници и да се зголемат платите. Но додаваат и дека е потребна либерализација на пазарот на трудот со некои земји од регионот, посебно со Косово, за да се овозможи побрзо пополнување на работните места за кои никој не се јавува.
– Минималната плата ја имаме поддржано и настојуваме средната плата да се покачи. Бараме да се намалат придонесите од Владата за да може да се зголемат и средните плати за да ублажиме колку толку работна сила да не заминуваат во странство. Придонесите се прогресивни и затоа бараме да бидат намалени за да може да ги покачиме платите – изјави денеска потпретседателот на СКСЗМ, Менди Ќура.
Членките во Комората се жалат дека никој не се јавува на оглас и покрај тоа што изминатите години повеќе од 15.000 студенти ги завршиле студиите.
Димитров, пак, смета дека е лаички да се размислува дека со зголемување на платите младите ќе останат да работат во земјава, па дури и некои ќе се вратат од странство.
– Не е во прашање дали некој сака да даде или не повисока плата. Цената на трудот е во корелација со структурата на економијата. Кај нас структурата на економијата е нископродуктивна и затоа платите се пониски од оние кои ги има во високоразвиените економии каде што се создава готов производ-бренд. Наједноставно кажано, не е исто да произведуваш компјутер и да моташ жица што го прават нашите работници во фирми во ТИРЗ. За да се направи компјутер е потребна висока стручност, но за мотање кабли би рекол потребно е да се знае само бојата дали е црвена или сина. Затоа и платите на едните и другите работници се различни. Во текстилот на пример, ние сме само кооперанти на големите европски брендови и цената на трудот соодветстува на она што се работи. Нашето стопанство не може да креира високи плати со ваква структура. Затоа ние не очекуваме кај нас да дојдат работници од високоразвиени земји туку од земји каде што стандардот на работниците е понизок и има далеку полоши услови за живот – прецизира Димитров.
И синдикатите велат дека реалните плати на работниците се повисоки од она што го добиваат работниците, но платите не се главниот услов работниците да одлучат да заминат во странство, туку незадоволството од условите за работа и живот во земјава.
Синдикатите очекуваат да се почитуваат законите и да се подобрат условите за работа
– Кај нас не функционираат законите и нивната контрола. Се толерира работа на црно, не може да се докаже дека работникот претрпува мобинг, дека му се пријавени 4 часа, а другите ги работи на црно и прашање е дали му се платени или не, дека не се почитуваат неговите права на дневен и неделен одмор и слично, со еден збор условите за живот и работа се многу полоши од порано и далеку полоши од оние во поразвиените земји. Работниците се чувствуваат несигурни за својата иднина и иднината на своите семејства. Тоа влијае дел од нив, посебно младите, да одат во странство каде што сето ова е многу поразлично од овде и дополнително се далеку поплатени и за иста работа. Дополнително и реалните плати, на пример во текстилниот сектор, според нашите пресметки се 30.000 денари, но она што го добиваат работниците се движи од минимална плата до 24.000 денари. Има и компании кои даваат повисоки плати, но најголемиот дел даваат меѓу 22.000 и 24.000 денари, а работата е тешка – вели Љупчо Радевски, претседател на синдикатот за текстил.
Тој додава дека синдикатите не се против да дојдат странци да работат во земјава, но, вели, дека е потребно да се подобрат условите за работа на работниците што остануваат во земјава кои ќе можат да ги користат и странците.
– Ние како синдикат ќе ги штитиме и нивните права, зашто и тие ќе бидат наши членови и работници, но и за нив во еден момент ќе станат неподносливи условите за работа кои ги има во нашите фирми. Ќе добијат работно искуство, веројатно и државјанство, а тоа ќе им овозможи полесно да заминат за Европа, а нашите фирми повторно ќе останат без работа. Тоа веќе не е проблем само на работниците и на газдите, туку голем проблем на државата која или не гледа или не сака да промени нешто на подобро за да не ни одат младите надвор – вели тој.
Со објавата на владата дека има намера да овозможи вработување на странци во поголем број и според потребите на компаниите, се отвора и прашањето од каде би доаѓале овие луѓе. Се споменуваат понеразвиени земји од подалечниот исток. Но, експерти кои се занимаваат со вработување на наши луѓе во странство велат дека тој процес е скап и кај нас недоволно регулиран.
Дали увозот на работници е евтино барање?
– Носењето работна сила од странство во старт чини 2.000 евра од работник, поради сместување, храна… Да донесете човек од Бангладеш со авионска карта, со сите дозволи, медицински прегледи, ќе чини повеќе од 1.500 евра. Газдата кај кого ќе се вработи овде ,ќе треба да му обезбеди сместување кое ќе му го плаќа на месечна основа, треба да му обезбеди превоз, некаква интеграција во социјалниот и здравствениот систем. Тоа сега не е регулирано во земјава, а има и многу други работи кои треба да се регулираат – изјави Зоран Кочоски од „Коузон“, агенцијата за посредување на работа во странство во емисија на ТВ 24.
Според него, и сега во земјава има увоз на работна сила, но на црно. Според неговите податоци, само со туристичка виза, во наши фирми работат повеќе од 3.500 луѓе.
Владата најави дека веќе се размислува да се овозможи увоз на работници од странство, бидејќи околу 10.000 работни места се непополнети.