Празникот „Св Петка“ или во народот познат како Петковден, прва есенска слава во годината, ги наполни со верници храмовите на Македонската православна Црква. Оние чија домашна слава е токму ова светителка, но и сите други православни граѓани што посакаа да запалат свеќа за здравје и бериќет, како што налага традицијата, изутринава отидоа во македонските храмови на богослужба.
Во некои цркви беа забележливи редиците за влез, за палење свеќи или за сечење на славскиот колач.
– Беше навистина организирано, културно, пристојно се чекаше ред, служителите љубезни и експедативни, како што и доликува на црковен храм и голем празник – искоментира една наша сограѓанка која по сечењето на славскиот колач побрза дома за да се приготви за одбележување на семејниот празник.
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што во народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со Петка Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 октомври.
Параскева (Петка), позната како Петка Трновска е родена во Епиват во Тракија на бргот на Средоземното Море кон крајот на 10 век. Родителите ѝ биле побожни и така ги воспитувале и своите деца. Кога умреле нејзините родители Параскева заминала во јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот и тоа навечер. Таму поднела големи искушенија и постигнала длабоко духовно видение.
Кога остарела ангел божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место, зошто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, не ја погребале на селските гробишта, туку одделно на гробишта за туѓинци. Била погребана близу до морскиот брег, а по извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Локалните жители сакале да го закопаат трупот во земја, почнале да копаат во близината на брегот, и на нивно изненадување наишле на нераспаднато тело на жена. Врз него го ставиле телото на патникот што го исфрлило морето и заминале.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на Света Петка го погребале заедно со распаднатото тело на патникот:
„Ѓорѓија, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зошто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена, и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“.
Таа ноќ истото ѝ се сонило на уште некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на Света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите Апостоли Петар и Павле во Епиват.
Моштите на Света Петка неколкупати биле преместувани пред освојувањата на Турците, а од 1641 година почиваат во Романија во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш. Отпрво моштите на Света Петка се наоѓале во црквата посветена на Светите Три Светители, а подоцна било ставено во црквата на Светото Сретение, каде што и ден денеска се наоѓа нејзиното Свето тело, кое точи многу чудеса. По молитвите на преподобната Параскева се случувале многу исцеленија на болните: слепи – прогледувале, куци – проодувале, секакви болни и демоноопседнати добивале здравје. Таа се смета за заштитничка на балканските народи.