Со ново намалување на коефициентите, ќе бидат исти, а можеби и пониски

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во Собранието во тек е процедурата за измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресмета на платите. Со ова намалување на коефициентите, платата на функционерите нема да се зголеми од јануари 2025 година,  кога се усогласува со просечната плата од претходната година.

Предлагачи на законските измени се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска, Ели Панова, а решението е во фаза на второ читање.

Со измените највисокиот коефициент 3,92, со кој се пресметува платата на највисоките функционери – претседателот, премиерот и спикерот, ќе се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 ќе се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се заменува со 2,62 , коефициентот за најниските функционери 2,79, ќе се намали на 2,47.

„Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на Град Скопје изнесува од 2,08 до 2.85. Овие коефициенти се определуваат според бројот на жителите и тоа за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент изнесува 2,08, за општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент изнесува 2,23, а за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициентот е 2,47. За градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициентот е 2,62“, се вели во законското решение.

Платата на функционерите се пресметува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место.

Ова е второ намалување на коефициентите за функционерските плати за една година. Претходната власт, предводена од СДСМ и ДУИ во февруари годинава со измени на 6 закони го зауздаа растот на месечните примања на носителите на јавни функции. Претходно, на 21 март 2023 година Уставниот суд ја укина двојната основица со која дотогаш се правеа пресметките, односно, ја укина фиксната основица која беше утврдена на сума од 26.700 денари, со образложение дека е неуставно да постојат две основици. Со оваа функционерските плати почнаа да се пресметуваат врз основа на просечната плата, што предизвика нивно зголемување од 78 отсто.

„Одлуката на Уставниот суд со која се укина дуализмот на правните норми и се овозможи пресметка на платите на избраните и именуваните лица множење на коефициент и просечната плата предизвика енормно зголемување на платите на функционерите и значајна дискрепанца во однос на останатите плати во Републиката. Од овие причини се пристапи кон донесување на овој закон. Со законските измени се менуваат коефициентите за пресметка на платата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплатата и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст. Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата“, се вели во образложението на предлагачите на законските измени.

Доколку не се донесеа овие измени за намалување на коефициентите, платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемеа во согласност со растот на годишната просечната плата, и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати – за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските функции.

Зголемувањето на платите на функционерите лани предизвика огромно незадоволство кај граѓаните, работниците и синдикалните организации кои организираа повеќе протести.Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека платите на функционерите нема да се зголемат од јануари следната година.

- Advertisement -
Ad image

За да се реши прашањето со платите треба да се донесе нов закон за систем на платите во јавниот сектор, но засега нема најави. Претставници на претходната власт изјавуваа дека се работи за сложен системски закон за чие изготвување е потребна цела година.

Платата на премиерот Христијан Мицкоски, според информациите на сајтот на Владата изнесува 140.450 денари (2.280 евра), а исто толку зема и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Платите на останатите министри изнесува 115.540 денари (1.870 евра).

Просечната плата за 2023 година изнесуваше 36.614 денари, а за 2024 година најверојатно ќе изнесува околу 41.000 денари, па со новите намалени коефициенти платата на функционерите можно е во 2025 година да биде пониска од годинашната.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article