Брајан Џонсон, технолошки визионер, е во центарот на дебатата за границите на потрагата по долговечност. Неговиот последен експеримент за подмладување на лицето заврши неуспешно, што доведе до бројни прашања за безбедноста и етиката на неговите методи.
Компјутерскиот инженер Брајан Џонсон (47), кој вели дека годишно троши околу два милиони долари за да ја поврати младоликата форма на телото и има за цел да го продолжи човечкиот животен век до 150 години, направи нов експеримент со драматичен пресврт.
Со објава на својот инстаграм-профил, тој ги покажа резултатите од последната козметичка процедура наречена „Проект бебешко лице“. Неговото лице било целосно отечено и воспалено, како резултат на инјектирање масти од донор во неговото лице. Ова било обид да го врати младешкиот изглед, којшто го изгубил поради ригорозниот здравствен режим.
Претприемачот кој се препуштил на инјектирање маснотии од донор наишол на брутални последици. И покрај поволните резултати од биомаркерите, неговиот физички изглед не го одразувал неговото внатрешно здравје. Зошто Џонсон бил принуден да користи сало на странец? Затоа што диетата што ја следи е толку рестриктивна што нема многу од сопствените масти во телото. „Салото“ од донорот предизвикало тешка алергиска реакција.
„Навистина се истенчив и изгубив многу масти, особено во лицето… Изгледав слабо. Луѓето си помислија дека сум на работ на смртта“, изјави Џонсон.
Поради неговата строга диета, која не преминува 1.950 калории дневно, тој почнал да има пропаднат изглед и покрај тоа што имал подобрени биомаркери.
Триесетина минути по инјектирањето на мастите, Џонсон доживеал тешка алергиска реакција.
„Веднаш по инјекциите, моето лице почна да отекува. И потоа нештата почнуваа да се влошуваат, до степен што не можев да гледам. Тоа беше тешка алергиска реакција“.
Неговото лице се вратило во нормала по седум дена, а неговиот тим веќе го планира следниот чекор во „Проектот бебешко лице“.
Да потсетиме, Џонсон вработил тим од 30 лекари и професионалци за да ја нагледуваат секоја негова телесна функција. Тој има цел да има „мозок, срце, бели дробови, црн дроб, бубрези, тетиви, заби, кожа, коса, мочен меур и полов орган на 18-годишник“.
Џонсон е познат и по други контроверзни практики во рамките на неговиот проект, вклучувајќи трансфузија на крв од млад донор, неговиот син и строга диета и суплементација. Овие методи, иако се од интерес, не се секогаш поддржани од научни истражувања и не се одобрени од соодветните регулаторни агенции. Милионерот троши околу два милиони долари годишно на своето здравје.