„Во последниве години, доволно често се договаравме за тоа кој енергетски ресурс постепено ќе го исфрлиме“, изјави во својот последен говор во германскиот град Бохум најверојатниот иден германски канцелар, споменувајќи ги и јагленот и нуклеарната енергија. „Но, се додека немаме замена, распуштањето на она што го имаме не доаѓа предвид. Не сме спремни да ја загрозиме германската индустрија“.
Со кого ќе ја дели Мерц власта?
Претседателот на конзервативниот Демохристијански сојуз на Германија (ЦДУ), Фридрих Мерц, има најголеми шанси да биде иден шеф на германската влада. Според анкетите, тој и неговата конзервативна алијанса имаат поддршка од 31 отсто, што им дава најголеми шанси да ја предводат следната коалициска влада во Германија по изборите во земјата на 23 февруари.
Проблемот на Мерц е што екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) е втора, со поддршка од 21 отсто, па неговите конзервативци ќе мора власта да ја споделат со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) или со Зелените, бидејќи тој ја отфрли можноста за коалиција со АфД. А и на социјалдемократите и на Зелените не им се допаѓаат плановите на Мерц.
Германската индустрија опасно болна
Но, германската индустрија е толку болна што на февруарските избори политичарите од народот сигурно ќе добијат жестока порака час поскоро да бараат лек. Според податоците на германскиот завод за статистика Дестатис, бројот на стечајни постапки во 2024 година е зголемен за 16,8% во однос на претходната година, достигнувајќи го највисокото ниво во последните десет години. Особено погодени се секторите транспорт, складирање, градежништво и угостителство.
Големите германски компании најавуваат значително намалување на работната сила. На пример, производителот на автоделови „Шефлер“ планира да укине 4.700 работни места, од кои 2.800 во Германија, поради слабата побарувачка во автомобилската индустрија. Слично на тоа, „Континентал“ има намера да ја намали својата работна сила за 7.150 работници до 2028 година, со повеќе од една третина од отпуштањата планирани во Германија.
Автомобилскиот гигант „Фолксваген“ се соочува со пад на побарувачката, што доведе до вишок од над 500.000 непродадени возила. Како одговор, компанијата размислува да затвори најмалку три фабрики и да укине десетици илјади работни места во Германија. Покрај автомобилската индустрија, негативни трендови бележат и другите сектори во индустријата.
Неразумните ветувања на Шолц и на Зелените
Германската економска политика за време на владеењето на канцеларот Олаф Шолц беше речиси исклучиво насочена кон „заштита на климата“. Германската левичарска коалициска влада, која падна во ноември лани, поради тековните поделби околу трошоците и економските реформи, вети дека ќе го исфрли јагленот до 2030 година, осум години пред официјалниот датум.
Социјалдемократите масовно промовираа обновливи извори на енергија и субвенционираа „зелени“ енергетски компании, за да им помогнат да постигнат „климатска неутралност“. Германија навистина стана лидер во Европската унија во производството на зелена инфраструктура, со најмногу соларни и ветерни електрани, а во поризводството на топлински пумпи е зад Италија.
Но, битката со јагленот и затворањето на нуклеарните централи во голема мера ја зголемија зависноста на Германија од рускиот гас. Војната во Украина ги потенцираше структурните проблеми на германската економија, а огромната криза во автомобилската индустрија уште минатата година навести дека идната германска влада ќе мора да се занимава со кризен менаџмент и да понуди план за спас на економијата.
Бајките за „зелениот челик“
Мерц навести дека радикално ќе го промени курсот. За време на неговата посета на Бохум, Мерц, изрази скептицизам и за фокусот на претходната влада на „зелениот челик“, челични постројки напојувани со водород добиен од обновливи извори на енергија, велејќи дека „не верува дека брзата транзиција кон челик на водород растенијата ќе бидат успешни“.
„Тисен Круп“, поранешен национален шампион во производството на челик, доби околу 2 милијарди евра државни субвенции во 2023 година за да ја забрза трансформацијата од производството што емитува CO2, со замена на печките за челик на јаглен со печки на водород. Но, неодамна шампионот најави дека до 2.030 година ќе отпушти 11.000 работници, што е доволен показател за неуспехот на „зелената трансформација“.
Мерц смета дека е подобра идејата да се „зароби“ јаглеродот за да се ублажат емисиите произведени од челичарниците, наместо целосно да се избегнуваат со користење водород. Најголемата грижа на Мерц за водородот произведен од обновливи извори е цената. Наспроти ова, пак, некои експерти предупредуваат дека со зафаќањето на јаглеродот, технологија која троши многу електрична енергија, исто така има висока цена и сè уште не е достапно во обемот потребен за да се декарбонизира челичниот сектор.
Субвенции, стимулации… а парите на гранки ли растат?
Што се однесува до другите загрозени сектори на индустријата, СПД и Зелените предлагаат познати решенија: тие сакаат да се вратат федералните субвенции за купување електрични автомобили или да се воведат даночни стимулации за потрошувачите. Општо земено, тие сакаат да ја оживеат енергетско интензивната германска индустрија со намалување на цените на енергијата преку субвенции.
Но, таквите политики досега не дадоа задоволувачки резултати. Ерата на евтиниот руски гас одамна заврши, а Германците сфатија дека парите не растат на гранки, за така лесно да се делат преку субвенции и даночни олеснувања. Многумилионскаста нација со водечка економија во ЕУ, која е и европски шампион во плаќањето на неразумната цена на војната во Украина, веќе е бесна. И сосема е извесно дека тоа ќе се види и на изборите на 23 февруари.