More

    Со една странска тура камионџиите покриваат 3 домашни

    spot_img

    И со загуби, преполовен обем на работа, голема конкуренција, високи цени на горивата и ризици, транспортерите не запираат бидејќи, ако запрат повторно не ќе можат да се вратат на пазарот. Незадоволни се од состојбата бидејќи се оставени сами да се снаоѓаат, а државата не успева да реши голем број од проблемите кои влијаат на нивното работење.

    – Генерално земено, работата е намалена за транспортерите во целиот свет. Таква е состојбата и кај нас. Голем број компании во Европа и во Туркије од каде во последниот период се врши транспортот, го намалуваат производството или затвораат и немаат потреба од транспортни услуги како во минатото. Понудата на стока за превоз е драстично намалена, цените исто така, зголемен е бројот на оние кои не ги плаќаат услугите, а има и други ризици. Со еден збор тешки времиња се и за транспортот, но камионите не смеат да запрат, бидејќи, ако запрат тешко дека ќе можат повторно да тргнат. Тие немаат друга алтернатива, не можат да прават резерви за да можат да продолжат со работа во подобри времиња. Имаат трошоци кои треба да ги покријат – кредити, плати за вработените, амортизација за возилата. Што значи и да запрат треба да ги платат основните трошоци, а резервни финансиски средства скоро и да немаат – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

    Во борбата за опстанок, вели таа, транспортерите се преструктурираат и се снаоѓаат на секаков начин изложувајќи се на ризици.

    – Ако до пред некое време возеле 10 камиони сега ги сведуваат на 5 или помалку зависно од состојбата ги ротираат возачите и слично. Дел од транспортерите и покрај високиот ризик возат и за Украина, Белорусија и за Русија, но и таму работа има сѐ помалку, а измамите растат. За да опстанат, редовно возат од трети кон трети земји, бидејќи цените на услугата таму се повисоки и со тоа се покриваат загубите направени на домашниот пазар каде што цените се далеку пониски. Се вози една тура во странство за да се покријат 3 во земјава – додава таа.

    Дел од транспортерите имаат проблем и со обезбедување возачи, бидејќи повеќето од искусните возачи веќе заминале во странство.

    – Германија, Чешка и други земји го поедноставија законодавството и овозможија вработување на искусни возачи. Така, дел од македонските возачи заминаа таму, а младите не се заинтересирани за работа во овој сектор и има сѐ помалку возачи на пазарот. Дополнително, анализите на Меѓународната транспортна организација се дека до 2025 година во светот ќе се пензионираат повеќе од 2 милиони возачи. Тоа и слабиот интерес за овој сектор кај младите ќе направи уште еден проблем за транспортните компании – вели Муратовска.

    Цената на горивото која секојдневно расте влијае и на зголемување на цените на услугите на транспортерите, но тоа отвора нов проблем – намален обем на работа поради големата конкуренција.

    – Горивото има висока цена секаде каде што возат нашите камиони. Пред некое време можеше со резерви на гориво наполнети во земјава да се вози подолг дел од турата и само да се дополнуваат мали количини. Сега кога цената секојдневно се менува и оваа погодност за транспортерите е минато. Тие се принудени да ги зголемат цените, но поради конкуренцијата надвор мора да внимаваат бидејќи може да останат без работа – вели таа.

    Транспортерите се назадоволни што во овие тешки времиња не се видени од владата како сектор на кој треба да му се помогне.

    – Скоро и да нема дијалог со институциите. Не сакаат да ги согледаат нашите проблеми ниту да се обидат да решат некои од нив, но затоа пак предлагаат повисоки даноци и такси кои ќе треба транспортните компании кои се финансиски исцрпени да ги плаќаат. Ние баравме да ни се помогне со враќање на дел од акцизата за гориво и субвенционирање на цената на горивото како секаде во Европа, но нема одговор од Владата – вели Муратовска.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img