Со досега невидено решение Владата сака да ја подјарми инфлацијата

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Влада претпразнично ги замрзна цените на дел од прехранбените производи и најави ново замрзнување на цените на овошјето и на зеленчукот со оправдување дека го ублажува ценовниот удар врз граѓаните и го сопира кризното профитерство. Бизнисот и земјоделците реагираат дека постапката не е пазарна бидејќи тие произведуваат производ кој има вградени високи цени на репроматеријалите, а граѓаните и со овој потег на владата не се задоволни бидејќи на повеќето од производите цената им остана висока по неколкукратното зголемување за една година.

Експертите, пак, велат дека замрзнувањето на цените иако е една од мерките која треба да оди во прилог на намалување на инфлацијата не може да ги даде посакуваните ефекти бидејќи истовремено се носат и мерки за зголемување на платите.

За граѓаните, замрзнувањето на цените на храната е задоцнета мерка, бидејќи цените веќе драстично се зголемени, па нивното намалување од 10 отсто е незабележливо со оглед дека платите се ниски за да го издржат тој притисок.

Граѓаните сметаат дека замрзнувањето на цените е задоцнета мерка

– Што значи за вашиот паричник, ако на цена од 100 денари намалите 10 денари. Цените веќе скокнаа кај одредени производи и за 100 и повеќе отсто, па ова замрзнување повеќе има ефект како реклама за владата отколку заштита на граѓаните од ценовни шокови. Тој што има искуство со вакви практики ќе ви каже дека по одмрзнувањето на цените ќе стане тој ценовен шок од кој сега нѐ штитат. Лани ги замрзнаа цените и видоа дека немаше ефекти и годинава истото го прават. Мислам дека е подобро инспекторите да работат повеќе и да видат на каков начин нѐ дерат трговците преку други методи. Инаку, платите и пензиите и зголемени не ни издржуваат од 1 до 15 во месецот – вели Горица од Скопје.

Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата смета дека владата посега по непазарни мерки кои се покажаа неефективни и претходно.

Бизнисот и земјоделците бараат да се почитуваат економските законитости

– Нашиот став е јасен и недвосмислен, а тоа е и основа на пазарната економија. Цените на производите ги создаваат учесниците на пазарот, а владата треба да ги создаде условите за слободна пазарна економија и да ги користи сите механизми на контрола и влијание врз тој пазар – вели Бошков.

Според него, замрзнувањето на цените на одделни производи кои имаат вградени скапи репроматеријали е само увод во непазарно однесување на бизнисите.

- Advertisement -
Ad image

– Не можете да ја диктирате цената на готовиот производ, ако во него се вградени репроматеријали кои се скапи. Тоа е и причината зошто цените на храната кај нас не паѓаат соодветно на она што се случува во светски рамки. Компаниите веќе договориле набавка на репроматеријали по повисоки цени и тоа не можат да го променат. Кога бизнисот ќе добие налог да се придржува кон цена која не е резултат на неговите трошоци (како замрзнувањето) тогаш тој се обидува да преживее и посега по непазарни практики. Па така, имате игри со грамажа, со потеклото и квалитетот на производот, со препакување и слично. Владата, пак, од своја страна нема капацитет да го контролира сето тоа, бидејќи во изминатите години од осамостојувањето најмалку се работеше на тој сегмент – контролата – додава Бошков.

Земјоделците, пак, очекуваат владата да не посега по откупната цена на нивниот производ бидејќи велат дека и така не можат да ги покријат трошоците за репроматеријали кои во изминатата година драстично пораснаа.

– Поздравуваме сè што е здрава политика во прилог на заштита на стандардот на граѓаните. Тоа подразбира и замрзнување на цените и на земјоделските производи и можеби и на откупната цена, но апелираме владата при една ваква одлука да не посегне по производната цена на земјоделското производство која е резултат на нашите трошоци и секако на нашиот приход за опстанок. Доколку се случи обратното ние сме подготвени да ја активираме „селанската буна“ која е во мирување со години и ќе знаеме како да ги заштитиме нашите права. Но мислам дека веќе им е јасно на сите дека секоја лоша одлука на владата во земјоделството се одразува на намалување на бројот на земјоделци посебно во делот на стратешките производи – изјави неодамна за Плусинфо Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

- Advertisement -
Ad image

Економските експерти имаат различен став во однос на замрзнувањето на цените и мерките што ги презема владата за запирање на инфлацијата.

Што велат експертите?

Професорот Трајко Славески вели дека владата веќе нема идеја како да ја сопре инфлацијата и презема нелогични мерки кои се непазарни и неприменливи во економските практики.

– Владата е во паника дека претстојното зголемување на платите предизвикано од порастот на минималната плата и актуелните барања за усогласување на платите и за повисоки плати, ќе ја разгори дополнително инфлацијата и се обидува преку административни непазарни мерки (замрзнување на цените) и со вршење репресија врз бизнисот да ја запре инфлацијата. Што е уште поиндикативно за однесувањето на владата е тоа што во светската економска историја досега не е забележан пример со инфлацијата да се бори преку истовремено зголемување на платите и замрзнување на цените – вели Славески.

Според него, спорно е оправдувањето на премиерот Димитар Ковачевски дека причина за ваквиот ценовен шок врз стандардот на граѓаните е војната во Украина.

– Зошто ваков удар врз стандардот на граѓаните немаше за време на војната од 2001 година која се одвиваше на наша територија или, пак, во 2007 и 2008 година во време на големата финансиска криза во светот? – прашува Славески.

Тој, како што вели, сака да види како владата ќе ги замрзне цените на земјоделските производи, а кои истовремено доаѓаат од домашно производство и од увоз и се продаваат во трговски објекти, на зелени пазари и на отворено.

Професорот Предраг Трпевски, пак, вели дека замрзнување на цените е една од мерките која ја користат владите за запирање на инфлацијата, а тоа го прави и нашата влада.

– Ова е позната антиинфлаторна мерка која ја преземаат владите зависно од состојбата и дава резултати заедно со мерките кои координирано ги преземаат монетарната и фискалната власт кои имаат цел да ја запрат инфлацијата – вели Трпевски.

Владата почнувајќи од почетокот на месецов речиси секоја недела замрзнува цена на некој прехранбен производ. Прво на 28 февруари ја замрзна цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари, на 10 март ги замрзна цените на млекото, млечните производи и на тестенините, а на 21 март ја замрзна цената на оризот и на јајцата. За утре има најава за замрзнување на цената на производите за хигиена и уште една најава дека во текот на неделава ќе замрзнат и цените на некои земјоделски производи.

Share This Article