More

    Со досега најголемиот буџет ќе се купуваат социјален мир и избирачи

    spot_img

    Државата за следната година испланира буџет од 5,5 милијарди евра кој е поголем за 5,8 отсто од годинашниот и е речиси еднаков на половина домашниот бруто производ. Планирано е јавниот долг да се зголеми за 1,2 милијарди евра од кој треба да се покрие дефицитот од 545 милиони евра и доспеаните рати за претходните задолжувања. Стандардно и во овој буџет планирани се поголеми трошоци за плати, пензии, социјални трансфери, за покривање на сѐ повисоките барања на граѓаните во однос на здравјето, образованието… За изборите ќе потрошат повеќе од 18 милиони евра. Државата каса, следната година најмногу ќе се полни од данокот на личен доход, данокот на добивка и приходите по основ на акцизи.

    Растот на буџетот е двојно повисок од претпоставениот раст на економијата за следната година од 3,4% кој владата планира да го поткрепи и со 773 милиони евра за капитални инвестиции кои треба да се реализираат во година на двојни избори кога политиката е поважна од економијата. Следната година владата очекува стапката на инфлација да се стабилизира на 3,6% што, според неа, ќе биде овозможено од стабилно ниво на цени на енергенсите и храната и покрај надворешните и внатрешните предизвици кои се зависни од недостигот на работна сила, падот на потрошувачката, двете војни во светот и нејасната состојба кај најголемиот трговски партнер на земјава.

    Според власта, буџетот е развоен и обезбедува солидни основи за раст на економијата и подобар стандард за граѓаните. Тој ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Најголем придонес се очекува да имаат бруто инвестициите од државата. Двигател на растот ќе биде и поддршката на приватниот сектор, закрепнувањето на трговските партнери, Германија и ЕУ.

    Економисти и стопанственици предупредуваат дека инфлацијата сè уште е висока, задолжувањето расте, инвестициите тешко се реализираат, а економијата има проблеми со работната рака и случувањата кај трговските партнери. Опозицијата, пак, вели дека буџетот е напумпан и е во прилог на криминалот и корупцијата на власта.

    – Факт е дека годинава е планиран повисок раст на буџетот од растот на БДП, 5,8, наспрема 3,4%. Тоа е добро, ако со таа разлика владата планирала да го стимулира стопанството во изборна година, но во суштина тоа не е така бидејќи најголемиот дел од парите повторно ќе одат на плати, во Фондот за пензиско осигурување и на социјални трансфери, што говори дека повторно се купува социјален мир и избирачи во уште една изборна година. Да, сите ние сакаме повисоки плати, пензии… но кој тоа ќе го финансира, ако економијата недоволно расте и не може да ги покрие растечките побарувања. Во неизвесни услови за работа и со недоволен човечки потенцијал компаниите не можат да обезбедат раст, а со вакви трошења, не е познато колку економијата ќе обезбеди буџетот да се полни. Се може да се планира, но што фактички сме создале во текот на една година се гледа од завршната сметка, а не од планот. Затоа нашето внимание треба да се насочи токму кон оствареното и колку сме се задолжиле тоа да го реализираме. Јавниот долг секоја година расте, но не дава резултати во развојот, туку во купување на социјалниот мир – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

    Тој додава дека без работна сила, која во земјава неповратно се намалува, не може да се испорача висок процент на раст.
    – Опаѓаме со работна сила, многу повеќе од регионот, а увозот на нова е лимитиран. Од друга страна се планира најголем раст да има токму кај приходите од личен доход. Новите работници треба да ги создадат тие пари, а во отсуство на работници како ќе може да се полни пензискиот фонд од кој се планира пораст на пензиите или Фондот за здравство од каде се финансираат новите лекови и здравствените услуги. Без луѓе нема развој, затоа јас сум песимист, поради намалувањето на бројот на работниците во индустријата. Тоа ќе биде рак-рана на целата држава, но гледаме дека нема план како тоа да се надмине. Секое одлагање на решение на овој проблем ќе повлече преселување на компании на други локации, затворање на фирми…, што исто така ќе се одрази на растот на економијата која нема да може да испорача доволно пари за да може државата да троши – вели Димитров.

    Маријанчо Николов, економист и поранешен пратеник, смета дека владата треба да се придржува кон планираниот дефицит кој годинава е понизок и да се обиде да скрати колку што може од непродуктивните трошења. Посебно внимание, според него, треба да се посвети на реализација на капиталните трошења и реализацијата на големите капитални проекти кои треба да се реализираат во прилог на економскиот раст.

    – Овој буџет покажува дека е направен според оптимистички очекувања за растот на економијата. Но, такви се и сите претходни буџети кои подоцна кога ќе се покажеше дека не може да се реализира очекуваниот раст претрпуваа ребаланси во кои најмногу се кратеше на капиталните трошоци. Тоа не смее да се дозволи и со овој буџет бидејќи инвестициите на државата и приватниот сектор го прават растот. Владата веројатно ги имала предвид сите внатрешни и надворешни предизвици за следната година кога ја зголемила државната каса и планирала економски раст од 3,4%. Но, има многу предизвици следната година. Таа е година на избори и во неа компаниите се воздржуваат да инвестираат што се одразува на развојот и растот. Тука е и проблемот со недостиг на работници кој станува сѐ посериозен и кој сигурно ќе влијае на полнењето на буџетот кое годинава се покажа проблематично поради намалената потрошувачка на домаќинствата. Надворешните влијанија се сѐ позначителни бидејќи светот се соочува со две војни од кои едната може да се прелее и да направи нов проблем со цените на енергенсите. Проблем е и состојбата со германската економија која е најголем наш трговски партнер. Сето тоа не ветува дека економијата ќе може да испорача висок раст. Затоа е потребно да се внимава на дефицитот, новите задолжувања и секако на непродуктивните трошења – вели Николов.

    Според него, проблем за полнењето на државниот буџет ќе има и следната година токму поради овие влијанија.

    – Ако како и годинава полнењето на буџетската каса биде проблематично, а расходите останат на истото ниво тогаш буџетскиот дефицит од 3,4% тешко ќе се оствари. Затоа е потребно да се внимава на расходите посебно на непродуктивните и да не се надмине планираниот дефицит. Владата е добро, како што се обврза, да истрае на консолидирањето на дефицитот и достигнувањето на планираните бројки од 3% од БДП, јавниот долг да не зафаќа 60% од БДП, а гарантираниот долг да не надмине 50% исто така од БДП. Не само за да се исполнат Махстришките критериуми, туку многу поважно е за македонската економија и за стандардот на граѓаните. Бидејќи високите проценти на дефицитот го поттикнуваат јавниот долг и спиралата се зголемува и се движи кон грчко сценарио кое никој не го посакува бидејќи ќе се одрази на способноста државата да ги исполнува своите услуги кон граѓаните и остварувањето на нивните права – вели Николов.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека буџетот за 2024 е напумпан, и не носи развој, туку криминал и корупција.

    – Од 2018 година до денес власта потроши 25 милијарди евра низ буџети, и ништо ново не направи. Македонија стагнира на секое поле, нема учебници за учениците, нема лекови за болните, нема покачување на пензиите за пензионерите. 6 години нема еден готов автопат. Кичево-Охрид е во застој, Скопје-Блаце не е ниту почнат. Каде се трошат милијардите евра од буџетите 6 години по ред? Очигледно е дека наместо кај граѓаните, парите завршуваат кај криминалците, затоа и власта се обидува да купи ден повеќе власт во 2024 година, за да продолжи со криминалот и корупцијата до последен ден – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img