Со акцијата „новогодишна кошница“ граѓаните ќе заштедат многу повеќе отколку со претходната мерката на владата спроведена во октомври, бидејќи бројот на производи кои се со пониски цени е повисок, а повисок е и процентот на намалување на цените, велат од Министерството за економија.
Оттаму велат дека акцијата „новогодишна кошница“ почна успешно и очекуваат нејзиното спроведување покрај пазарниот инспекторат кој ќе врши контрола низ маркетите за да се утврди дека се почитува договорот постигнат помеѓу владата и трговците. ќе ја следат граѓаните, Организацијата на потрошувачи и за прв пат годинава синдикатите.
-Заштедата на граѓаните со октомвриската мерка беше 2.000 денари. Сега мерката има повеќе призводи, бидејќи трговците сами ги понудија и сами понудија повисоко намалување од 10%, веројатно заштедите на граѓаните ќе бидат повисоки. Ќе видиме на крајот на акцијата какви ќе бидат заштедите. Ќе кажат и синдикатите кои ја следат акцијата – вели министерот за економија Бесар Дурмиши .
Од министерството додаваат дека доколку компаниите не се придржуваат на договореното кое самите го понудиле ќе има прво опоменување, а потоа и казнување..
Затоа, како што рече заменик-министерот Марјан Ристески, не очекува компаниите да не го почитуваат договорот.
-Ако не го почитуваат она што самите го предложиле, тогаш ние ќе бидеме принудени да донесеме нова мерка која ќе биде подрастична и многу понеповолна за компаниите – рече тој.
Од Пазарниот инспекторат пак велат дека акцијата почнала добро со мали забелешки на истакнување на цените кои денеска се отстранети.
-Производите кои се дел од акцијата треба да бидат видно обележени со старата цена која треба да биде прецртана, процентот на намалување на цената и новата цена – вели директорот на инспекторатот Влатко Стојкоски.
Акцијата „новогодишна кошница“ започна да се реализира вчера и ќе трае до 15 јануари. Кошницата содржи повеќе од 1.000 производи кои имаат намалени цени од 10 и повеќе проценти.
Со намалување на цените се опфатени основните прехранбени производи од различни групи на производи (леб и житарици, пекарски производи), месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и други.
Од Министерството за економија потенцираат дека листата на продукти не е затворена и дека очекуваат да се дополни со дополнителни производи.