Во Буџетот за 2025 година обезбедени се средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади, соопшти владата.
Од владата велат дека фокус на оваа Влада е обезбедување на пристојни услови за живот и успешен образовен процес за студентите и младите.
„Ваучерот за студентите од 250 евра за купување на електронски уред ќе им овозможи на студентите да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет. Додека пак, финансиската поддршка до 30.000 евра за младите за отпочнување на бизнис, значи дека младите ќе можат своите бизнис идеи да ги преточат во бизнис планови“, се наведува во соопштението.
Цел на владата, како што се наведува во соопштението, е преку различна поддршка, мерки и проекти да се овозможи да се задржат младите во земјава.
„Токму затоа како Влада се обврзавме на вклучување на младите во носење на важни одлуки и слушање на нивните проблеми и барања. Владата е партнер на младите и студентите. Посветено и одговорно работиме и придонесуваме за подобар живот за сите, иднина и просперитет“, се вели во соопштението.