Сер Пол Макартни неодамна потврди дека со помош на вештачка интелигенција успеал да сними песна која ја нарече „последната песна на „Битлси““.
Тој за радио „Би-би-си 4“ изјави дека модерната технологија му дозволила да го „извади“ гласот на Џон Ленон од стара демо снимка, за да може да ја заврши песната.
„Само што завршивме и ќе биде објавена оваа година“, рекол Макартни.
Сер Пол не го прецизирал називот на песната, но „Би-би-си“ шпекулира дека станува збор за композицијата на Ленон „Now And Then“ од 1978 година. Музичарот ја добил снимката пред една година од вдовицата на Ленон, Јоко Оно, а таа е една од неколкуте песни на касетата, на која пишува „За Пол“, создадена е непосредно пред смртта на Ленон во 1980 година.
Две од тие песни – „Free As A Bird“ и „Real Love“ – беа завршени и објавени во 1995 и 1996 година, што беше првиот „нов“ материјал на бендот по четврт век. Бендот исто така се обиде да ја сними „Now And Then“, но сепак се откажаа, со тоа што немонтираната песна сепак го најде патот до слушателите.
Продуцентот Џеф Лин, кој тогаш работел со остатокот од „Битлси“ на снимањето на песните, се присетил дека песната има рефрен, но дека целосно ѝ недостасуваат строфи, а Макартни подоцна тврдел дека од неа се откажале, бидејќи на Џорџ Харисон не му се допаѓала.
– Таа сè уште собираше прашина, така што овие денови ќе гледам да ја завршам со Џеф – рекол тој во едно интервју во 2012 година.
Модерната технологија, изгледа, конечно му ја исполни желбата, но музичарот призна дека многу аспекти на вештачката интелигенција го плашат.
– Не сум толку често на интернет, но луѓето ми велат: „Ох, постои песна каде што Џон пее една од моите песни, а сето тоа е вештачка интелигенција.“ Тоа е застрашувачки, но и возбудливо, бидејќи е толку футуристички. Само треба да видиме каде води сето тоа – рекол тој.