Еден новинар загина, а шестмина се ранети кога израелски проектил паднал врз група меѓународни новинари кои известувале за судирите на границата на Израел со јужен Либан.
Новинар на АП од местото на настанот извести дека го видел телото на мртвиот новинар и уште шестмина ранети, од кои некои со возило на брза помош биле пренесени во болници. На снимката од местото на настанот се гледа изгорено возило.
Агенцијата Ројтерс подоцна објави дека нивниот снимател бил убиен во јужен Либан.
„Длабоко сме со тага кога дознавме дека нашиот снимател Исам Абдалах починал“, се вели во соопштението на Ројтерс, а пренесува агенцијата Франс прес. Тој бил во тимот на Ројтерс на југот на Либан од каде испратил директен видео сигнал, наведува неговата агенција.
Новинар на Франс прес од местото на настанот претходно објави дека неколку новинари се ранети вечерва во израелски напад врз јужен Либан. Тој рече дека ракетите паднале врз секторот каде што имало група новинари од најмалку три различни медиуми во пограничното село Алма ал Шаб.
Тој рече дека меѓу ранетите има двајца новинари од Франс прес, како и двајца новинари од Ал Џезира, за што јави и самата агенција.
Артилерискиот оган се случи за време на размена на оган долж либанско-израелската граница меѓу израелската армија и членовите на либанската милитантна група Хезболах.
На либанско-израелската граница има спорадична размена на оган по саботниот напад на милитантната палестинска група Хамас на југот на Израел, од Појасот Газа.
Катарската телевизија Ал Џезира објави дека двајца нејзини новинари, Ели Бракја и Кармен Џукадер, се меѓу ранетите.
АП не наведува други медиуми чии новинари се убиени или ранети додека тие медиуми самите не издадат јавни изјави за тоа.
Новинари од целиот свет пристигнуваат во Либан, каде се стравува дека може да избие војна меѓу Хезболах и Израел.
Претходно денеска израелската армија ги гранатираше приодите на неколку погранични села на југот на Либан, по експлозиите на оградата што ги дели двете земји, јавија безбедносни извори и дописникот на Франс прес.
Хезболах вечерва објави дека „одговориле на израелската агресија во петокот попладне“ гаѓајќи неколку израелски позиции, пренесува Франс прес.