Сметките за струја на граѓаните од јануари следната година ќе бидат повисоки, но дали тоа ќе биде за 10 отсто или повеќе, зависи од пресметки што регулаторите ќе ги прават на крајот на декември, врз осносва на трошоците на компаниите кои ја произведуваат, дистрибуираат и балансираат струјата. Засега се знае дека само врз основа на повисокиот ДДВ, кој ќе се применува по Нова година, сметките за струја на домаќинствата ќе бидат повисоки за 5 отсто.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска рече дека владата ќе настојува зголемувањето на цената на струјата да биде благо, со тоа што ќе продолжи да ја субвенционира цената на струјата која ЕСМ ќе ја нуди на ЕВН хоум.
– Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но далеку сме сè уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за владата – рече Битиќи.
Тој додаде дека се прават пресметките, но дека сè уште е далеку од тоа да се согледаат сите параметри, а РКЕ да одреди колкаво ќе биде влијанието врз цената.
Данокот гарантирано повисок, другото допрва не чека
Од РКЕ засега не ги коментираат најавите за зголемување на цените на струјата од јануари.
– Цената на струјата ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, а Владата и енергетските компании прават свои анализи. Со промената на Законот за данокот на додадена вредност, Владата ја намали стапката на ДДВ за струјата од 18 отсто на 5 отсто, што имаше важност една година, мерка што беше продолжена за уште шест месеци. Од 01 јануари 2023 година, согласно законските прописи, даночната стапка ќе биде 10 отсто до 30 јуни 2023 година. Владата постојано ја следи и анализира ситуацијата со енергенсите и соодветно реагира за да ги ублажи последиците од кризата која има глобален ефект – велат од РКЕ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими ги подгреа информациите за зголемување на цената на струјата со највавата дека стапката на ДДВ за струјата од јануари ќе изнесува 10 отсто, а шест месеци потоа во јуни ќе се врати на целиот износ од 18 отсто.
На почетокот на минатиот месец и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека од јануари ќе има благо зголемување на цената на струјата, но не кажа за колкав процент ќе стане збор.
– Сепак, цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК „Битола“, туку и од другите наши капацитети, од кои дел работат на мазут. Па затоа, колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО – рече Ковачевски.
Тој рече дека производната цена на РЕК Битола во октомври изнесувала 58 до 60 евра за мегават час. За потсетување, од јуни годинава ЕСМ ја продава струјата наменета за домаќинствата и малите компании на ЕВН по цена од 48 евра за мегават час.
Лесно е кога температурите се високи, ќе видиме в зима!
Познавачите на состојбите во енергетскиот систем на земјава велат дека од јануари нема да биде актуелно колкаво ќе биде зголемувањето на цената на струјата, туку дали нашите производни капацитети ќе успеат да произведат струја колку што ќе им треба на граѓаните, бидејќи цената на увезената струја се очекува да варира сè до април следната година, кога се очекува некакво стабилизирање.
– Лесно е да се фалите дека ги задоволувате потребите на домаќинствата од струја на пролетни температури, но зимата доаѓа. Да се надеваме дека ќе биде блага и ќе има можност некако да се произведе потребната струја. Но според она што моментално се случува со нашите производни капацитети, тешко дека ќе можеме да имаме домашна струја за да можеме да калкулираме каква цена ќе им понудиме на граѓаните преку субвенционирање од буџетот кој тие го полнат или од заеми кои, пак тие ќе ги плаќаат. Ако се гледа според производните можности цената би можела да се зголеми за 10 до 15 отсто, но заради социјален мир најверојатно државата повторно ќе плаќа дел од цената и тоа зголемување ќе биде помало. Сепак, ако имаме предвид дека дел од компаниите во земјава го намалија или запреа производството, нема кој да го полни буџетот и ќе бидеме во незавидна положба и во однос на цената на струјата – вели поранешниот директор на производство во РЕК Битола Спиро Мавровски.
Цената е помал проблем од недоволното производство
За него поголем проблем од зголемувањето на цената на струјата е тоа дали ЕСМ ќе успее да ги произведе потребните количини струја. Тој смета дека најавата дека во грејната сезона ќе работат сите производни капацитети е нереална, бидејќи навреме не се завршени ремонтите и освежувањата на блоковите во термоелектраните и не се обезбедени доволни количини јаглен за нивна работа со полн капацитет.
– Ремонтите и освежувањата на блоковите се прават во летен период кога потрошувачката на струја е помала, но и во грејна сезона ние говориме за ремонти и за освежувања. Во РЕК Битола сè уште работат два блока, а новиот трансформатор патува со месеци. Сега најавуваме освежување на блокот Два. А грејната сезона веќе влегува во периодот кога ќе бидат потребни поголеми количини струја. Дополнително со 1 милион тони јаглен што го увезуваме нема да се задоволат потребите на термоелектраните. Дома треба да произведеме 4,5 милиони тони, што одамна не е направено. Според тоа, тешко дека во периодот од 6 месеци на грејна сезона ќе може да се обезбеди термоелектраните да работат. Струјата ќе се произведува од другите производни капацитети кои користат мазут и природен гас, што пак ќе значи повисока производна цена на струјата. Сето ова говори дека производната цена на струјата од домашните капацитети ќе биде повисока од сегашната. Дел од потребите ќе мора да се увезат бидејќи голем број компании, училишта, градинки се вратија на домашниот пазар. Сето тоа ќе влијае на процентот на зголемувањето на цената на струјата – вели Мавровски.
Податоците што ги соопшти генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски пред еден месец се дека од единствениот рудник за јаглен „Суводол“ тогаш дневно се ископувале по 15.000 тони за РЕК „Битола“. Тој информира дека за трите блока дневно се потребни по 18.000 тони јаглен, односно за секој блок по 6.000 тони.
Тоа значи дека месечно се потребни околу 540.000 тони јаглен ако работат сите три блока во РЕК Битола или за шест месеци се потребни повеќе од 3,2 милиони тони јаглен, а од Суводол за шест месеци ќе се произведат 2,7 милиони тони. Но јаглен е потребен и за РЕК Осломеј. Најавен е увоз кој треба да оди сукцесивно според потребите на термоелектраните.
Уште не се јавиле другите учесници во формирањето на цената
Во меѓувреме и другите компании кои учествуваат во формирање на регулираната цената на струјата веќе ги пресметуваат трошоците, а какво зголемување на цената ќе побараат пред регулаторите ќе се знае на крајот на декември. Најголемо учество во крајната цената на струјата која треба да ја плаќаат домаќинствата има државната ЕСМ, потоа следи Електродистрибуција-фирма на ЕВН. Унивезразлниот снабдувач, ЕВН ХОУМ учествува со 11,45 отсто во крајната цена. Од енергетските компании најмал удел има МЕПСО, од 4 отсто.
Во крајната цена со одреден процент влегуваат и маржата на енергетските компании, трошокот за обновливи извори, за балансираната енергија, за увозот од слободен пазар. Регулаторната комисија во формирањето на цената на струјата влијае со 37 отсто, над 63 отсто нема влијание. РКЕ единствено не ја утврдува производната цена на државната ЕСМ. За оваа цена одлучува Владата.