Французинот Доминик Пелико, обвинет дека ја дрогирал сопругата и навел десетици мажи да ја силуваат во текот на една деценија, во вторникот пред судот ги признал бројните обвиненија со кои се соочува, јавуваат француските медиуми.
Пеликот минатата недела требаше да сведочи за случајот што ја шокираше Франција, но неговото појавување беше одложено поради здравствени проблеми. Тој се појави на суд со бастун во раката, пренесува CNN.
„Ги признавам обвиненијата во целост“, рече Пелико (71), според ТВ БФМ, чиј репортер бил присутен во судницата, додавајќи: „Јас сум силувач како и сите други во оваа просторија“.
Обвинителите тврдеа дека Пелико им нудел на мажите секс со неговата поранешна сопруга на веб-страницата и го снимил злоставувањето. Покрај него, на суд се уште 50 мажи обвинети за учество во силувања. Мажите засега не ги коментирале наводите.
Поранешната сопруга на Пелико, Жизел Пелико (72), инсистирала на јавно судење за да го разоткрие него и другите мажи обвинети за силување.
Плачеше во судница, молеше за прошка…
„Ги молам мојата сопруга, моите деца, моите внуци да го прифатат моето извинување. Жал ми е за тоа што го направив. Ве молам за прошка, иако ова е непростливо“, рече тој, пренесува БФМ ТВ.
Пелико се соочува со обвиненија кои вклучуваат силување, групно силување и разни прекршувања на приватноста преку фотографирање и ширење фотографии.
Лошото здравје на Пелико беше причината поради која судиите го одложуваа неговото сослушување неколку пати минатата недела. Неговиот бранител претходно објави дека Пелико сака да го искористи рочиштето за да му се извини на семејството.
Во судницата рече дека имал тешко детство и дека и самиот бил жртва на силување. Тој повремено плачеше, јавуваат француските медиуми.
Жизел Пелико (72) била во судницата за време на неговото обраќање. Таа зборуваше и пред судот, а меѓу другото рече: „Тешко е да се слушне од устата на господинот Пелико што штотуку кажа.
За многумина Жизел Пелико стана симбол на борбата против сексуалното насилство во Франција. Во саботата, стотици луѓе, претежно жени, се собраа во градовите низ земјата за да ја покажат својата поддршка.