Женската ракометна репрезентација на Словенија ја победи српската со 27:24 во Целје во последното коло од групата Ц на Европското првенство во ракомет за жени, но Србинките, видно револтирани и разочарани од поразот, решија да ги отворат картите и на спортската јавност да ѝ соопштат со што се соочиле во текот на тренинзите.
Српската ракометарка Јелена Лавко веднаш по завршувањето на натпреварот даде изјава за медиумите и откри можен скандал што на такви големи натпреварувања многу ретко се случува.
Лавко обвини дека Словенците наводно ги снимале српските тренинзи, но не со класични камери, туку со скриени мобилни телефони и ајпади.
– Жал ми е затоа што досега имавме резултат 3:0 со Словенија на големите натпреварувања. Уште повеќе ми е жал кога противничката екипа снима тренинзи, каде што нема камери, туку се поставуваат мобилни телефони и ајпади да нѐ снимаат затоа што се плашат од нас. Па што друго да зборуваме за ракомет и спорт? – изјави Лавко.
Повеќе детали за овој случај не се познати. Се очекува реакција од ЕХФ.