Во четврток и петок (29 и 30 август 2024) е пријавувањето во првиот рок за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за студиската 2024/2025 година.
На 23-те факултети во составот на УКИМ слободни се 9.921 место за нови студенти, од кои 4.761 за редовни студенти во државната квота, 4.210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.
Според Конкурсот кој УКИМ го објави во јуни, како и во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1.020), Природно-математичкиот факултет-ПМФ (1.030), Филозофскиот со 895 места, Филолошкиот факултет со 790, Правниот со 705, Економскиот факултет со 700 слободни места…
Цената на партиципацијата за студии за редовните студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра како и во минатите години.
Во Конкурсот се содржани условите и критериумите за упис, начинот на пресметка на поените од државната матура и постигнатиот успех во средното образование и потребните документи за конкурирање.
Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември и на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.
Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.
Министерството за образование и наука во јуни ги објави утврдените квоти за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во академската 2024/2025 година, согласно одлуката на Владата.
Во четврток и петок (29 и 30 август 2024) е пријавувањето во првиот рок за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за студиската 2024/2025 година.
„Св. Климент Охридски“-Битола има вкупно 2.404 слободни места (1.309 за редовни студенти во државната квота, 679 за редовни со кофинансирање на студиите и 416 места за вонредни студенти).
На Државниот универзитет Тетово има вкупно 4.752 слободни места (2.477 во државната квота, 1.615 со кофинансирање на студиите и 660 вонредни студенти).
На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип има вкупно 3.983 слободни места (за редовни студенти во државна квота 2.223, за редовни со кофинансирање на студиите 950 и за вонредни студенти слободни места има 810).
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 364 бруцоши (200 во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти).
На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје слободни се вкупно 1.805 места за студенти (во државна квота 1.260, 325 за редовни со кофинансирање на студиите и 220 за вонредни студенти).