Маж кој падна од 19 кат на зграда во Воронеж, во југозападна Русија, го преживеа падот, откако „слета“ на паркиран автомобил.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како спасувачите во градот Воронеж му помагаат на мажот кој очигледно бил пијан. Некои извештаи тврдат дека тој можеби намерно скокнал за да се самоубие.
Локалните медиуми јавија дека мажот има 41 година. Според очевидци, тој бил виден како неразбирливо вика од балконот на стан од 19 кат, пред да падне и да „слета“ на паркиран „Nissan X-Trail“, пишува Раша тудеј (RT).
Не се знае дали тој бил станар на станбениот комплекс каде се случил инцидентот.
На видеото се гледа како мажот оди до амбулантно возило со помош на медицински лица. Според извори од Итната помош, тој во тешка состојба е пренесен во болница со повреди на главата и кичмата.
Некои извештаи тврдат дека тој продолжил да пее на пат до болница.