Во потонат чамец источно од грчкиот остров Лезбос, загинале 15 мигранти, а спасени се пет, додека во тек се две спасувачки акции на грчката крајбрежна служба, едната во близина на Лезбос, другата во близина на островот Китира, јави дописничката на МИА од Атина.
Крајбрежната служба била информирана за потонат чамец во близина на Лезбос, по што започнала акцијата во тешки услови поради лошото време и силниот ветер и биле извлечени безживотните тела на 15 лица. Петмина биле спасени, три лица се заглавени во карпест дел, а според изјавата на мигрантите, на чамецот имало околу 40 лица.
Во тек е спасувачка акција и во близина на островот Китира, каде што едрилица со мигранти удрила во карпа и преку бројот за итни случаи 112 доцна синоќа била побарана помош, а според грчката новинска агенција АНА-МПА веќе се спасени 80 лица.
Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг предупредува дека, доколку не се преземат итни мерки, следниот миграциски бран може да биде полош од оној во 2015 година.
Шаленберг во Белград ќе учествува на средба со министрите за надворешни работи и за внатрешни работи на Србија, на Австрија и на Унгарија посветена на интензивирање на полициската соработка помеѓу Унгарија, Србија и Австрија и конкретните промени во плановите за борба против нерегуларната миграција долж балканската рута. Една од темите ќе биде и заштитата на српската граница кон Македонија.