Истражувачи од Кина и Обединетото Кралство открија фосили на претходно непознат еуриптерид, попознат како морска скорпија, кој датира од пред 450 милиони години од периодот на Ордовиција во провинцијата Жеџијанг во источна Кина, најраниот регистриран во Кина.
Заедничката работна група предводена од Институтот за геологија и палеонтологија Нанџинг при Кинеската академија на науките извести за редок еуриптерид од формацијата Венчанг во округот Анџи, пишува кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Студијата е објавена во Journal of Paleontology.
Со тркалезна глава и параболична обвивка, овој вид долг 15 сантиметри изгледа послатко од претходно пронајдениот вид еуриптерид, рече Ванг Хан, водечки истражувач и докторант на Институтот.
Сепак, тоа всушност беше жесток океански предатор, додаде Ванг.
Џанг Јуандонг, истражувач од Институтот и исто така член на истражувачкиот тим, рече дека еуриптеридот пронајден во Анџи е најраниот забележан во Кина и фрла светлина врз раната еволуција на еуриптеридите. Откриени се и фосили на други морски животни во длабоките мориња, како сунѓери.
Појавата на нови материјали и унапредувањето на палеонтолошките методи на истражување ќе обезбеди основа за понатамошни сеопфатни студии на кинеските еуриптериди, рече Џанг.